Американската вселенска агенција НАСА објави дека Русија ќе остане на Меѓународната вселенска станица (МВС) до 2028 година и покрај претходните најави.
Генералниот директор на руската вселенска агенција „Роскосмос“, Јуриј Борисов, претходно изјави дека Русија се повлекува од Меѓународната вселенска станица по 2024 година за да се фокусира на изградба на сопствена вселенска станица, но таа изјава е мошне непрецизна, па дури и официјалниот претставник на „Роскосмос“, Сергеј Крикалев, рече дека по 2024 година всушност може да значи 2025, 2028 или 2030 година. Сепак, сега пристигнаа официјални информации дека Русија ќе остане партнер на МВС до 2028 година, додека САД, Јапонија, Канада и Европската вселенска агенција ќе продолжат да работат до 2030 година.
Откако САД и другите земји воведоа санкции кон Русија поради инвазијата на Украина се огласи поранешниот директор на „Роскосмос“, Дмитриј Рогозин, кој се закани дека ќе ја прекине соработката. Тој тогаш рече дека соработката е можна само со целосно укинување на „незаконските“ санкции.
Како и да е, „Роскосмос“ продолжува да соработува со своите партнери, но сега тие веќе имаат направено план за повлекување на астронаутите од станицата доколку Русите заминат, како и план Меѓународната вселенска станица да продолжи да работи без руските погони, кои ја одржуваат во орбитата. Приватните вселенски компании беа повикани да помогнат, па „Боинг“ формираше тим од инженери за да најде решение за контрола на МВС без руските погони. Дали некој од овие планови ќе се реализира по 2028 година сѐ уште не е познато.