Ратко Јанев – еден од најцитираните атомски физичари

Македонски научници

Во рамките на научно-дипломатската активност во Меѓународната агенција за атомска енергија (МАЕА), македонскиот научник Ратко Јанев е познат како основач и раководител со Програмата на МААЕ/ООН за мирно користење на термојадрено соединување како извор на енергија планирана за втората половина на 21 век. Оваа програма на МААЕ е координирана со повеќе од 50 земји-членки на ООН, кои имаат и имаа национални јадрени програми и чии лаборатории можат научно и технички да ги поддржат условите за експериментите од областа на соединување. ЕУ, како и голем број лаборатории за соединување од сите континенти во светот, па и поранешната СФРЈ, учествуваа во оваа програма.

Најпознатиот експериментален термојадрен реактор (ТОКАМАК) е познатиот ИТЕР, сместен во Франција, кој се очекува експериментално да произведе излезна („аутпут“) енергија поголема од влезната т.е. „инпут“ енергија во текот на следните десет години, по што според стратегиите на МААЕ би требало да се влезе во последната „комерцијалната фаза“ на употребата на овој вид јадрена енергија.

Ратко Јанев (1939-2019) е македонски научник и професор со светски углед во областите на атомската и нуклеарната физика, член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), професор и консултант на повеќе светски познати универзитети и институти. Бил претставник на Република Македонија во Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена, Австрија, и прв меѓународен функционер во меѓународните установи во системот на ОН од Македонија, по осамостојувањето на Република Македонија. Ратко Јанев во 1993 година помогна во процесот на зачленувањето на Македонија во Меѓународната агенција за атомска енергија.

Држел позиции во Нобеловиот комитет (како предлагач на кандидатите за Нобеловата награда за физика во 1980-тите и 1990-тите години и претставува еден од најцитираните физичари во областа на атомската физика). Ратко Јанев е, меѓу другото, и добитник на престижната Хумболтова награда за физика. Јанев е единствен научник што во Македонија има над 600 научни трудови во меѓународни списанија со импакт-фактор и еден од најпродуктивните физичари во втората половина на 20 век во светската физика.