Денеска, во 12 часот, во Кинотеката на Македонија ќе биде промовиран блуреј-дискот со дигитално реставрираната верзија на „Мирно лето“ на Димитрие Рули Османли. Ова е прво блуреј-издание на македонски филм. Кинотеката минатата година ја реализира дигиталната реставрација на првата македонска филмска комедија „Мирно лето“. Главните улоги ги толкуваат Љупка Џундева и Слободан Перовиќ, како Дара и Заре. Актерскиот ансамбл го сочинуваат Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова, Димитар Ќостаров, Панче Камшик, Стојка Цекова, Вукосава Донева и други.

Димитрие Османли (Битола, 1927 – Скопје, 2006) филмски, театарски и телевизиски режисер, сценарист и педагог, филмска и театарска режија завршува во 1952/1953 година на Високата филмска школа во Белград, како прв македонски студент, а постдипломски студии во 1961/1962 година на Институтот за високи кинематографски студии во Париз. Долги години работел како театарски, телевизиски и филмски режисер и професор на Факултетот за драмски уметности, каде што предавал актерска игра и има изведено четири генерации млади актери. Покрај четирите играни филма, има снимено петнаесетина документарни филмови и повеќе од дваесет телевизиски остварувања.

Промоцијата на новата дигитална верзија на филмот, по повод 60-годишнината од неговата премиера во 1961-та, се случи на летната кинотечна сцена, која е наречена токму според филмот „Мирно лето“, како македонски дел од проектот „Сезона на класични филмови“, кој од 2020 година се организира од страна на Асоцијацијата на европски архиви, каде што Кинотеката е членка уште од 1998 година.