Настанот во планинско трчање „Охрид ултратреил“ годинава ќе има најголем број пријавени тркачи досега, од рекордни 36 земји.
Приказната на „Охрид ултратреил“ почна во 2019 година, како настан со две трки во планинско трчање од 60 и 30 километри, а од првата бројка на учесници – 130 пријавени тркачи, за пет одлични последователни изданија „Охрид ултратреил“ прерасна во препознатлив мултинационален спортски настан што се одвива под отворено небо. Годинава организаторите – спортските здруженија „Трекс“ од Скопје и „Топ адвенчрс“ од Охрид – очекуваат 470 потврдени пријави на тркачи од дури 36 земји.
Планинското трчање е спорт во голем подем, кој започнува сѐ помасовно да се практикува од страна на луѓето, особено откако ќе се осознаат неговите вистински долготрајни бенефиции по здравјето и психофизичката благосостојба. Целта на овој спортско-рекреативен настан е да се понуди една уникатна планинска авантура на отворено за учесниците, која се одвива во недопрените предели на Галичица, а наедно и да се промовира културното и природното богатство на Охридско-Преспанскиот Регион, кој е под заштита на УНЕСКО.
„Охрид ултратреил“ или скратено ОУТ годинава е закажан во петок и сабота, со различни временски стартови и локации на пет планински трки на 110, 65, 40, 22 и 10 километри. Најдолгата трка, насловена како и самиот настан Охрид ултратреил, е единствена од трките што ќе стартува на 24 мај (петок) во 23 часот навечер од Охрид, потоа следува Галичица ултра 65 километри, со старт во 7 часот изутрина од Св. Наум, па Самотска маратон, со старт од Пештани во 9 часот, Летница треил започнува во 11 часот од Велгошти и за првпат годинава за најмладите ќе се одржи Јуниор треил, со старт во 10:30 часот во Велгошти.
– Сите трки минуваат низ патеки, врвови, гребени и долини во националниот парк Галичица, а финишот е на градскиот плоштад во Охрид. Годинава интересот за трките е голем, а финалната бројка на тркачи за 20 отсто поголема од минатата година, и таа има 72 учесници на 100 км, 88 на 65 км, 116 на 40 км, 193 на 22 км и 40 на 10 км – информираат организаторите.
Како ентузијасти што се занимаваат со разни спортови на отворено, како што е планинското трчање, партнерите од Србија, Словенија и од Македонија го препознаа проблемот со отуѓувањето на младите од природата и го започна проектот „Зелени патеки на иднината“ (GTOF – Green Trails of Future).
Проектот се занимава со зголемување на бројот на млади луѓе во планинското трчање и нивно еколошко образование.
Целта на проектот е да вклучи што повеќе млади луѓе во спортот преку планинското трчање, бидејќи анализите на актуелната состојба во земјите од проектот заклучи дека овој спорт најмногу се практикува од средовечно население, а младите сѐ повеќе се физички неактивни. Проектот ни дава можност да ја издигнеме свеста за спортот и активностите на отворено во нашата заедница. Годинава во рамките на ГТОФ на „Охрид ултратреил 2024“ денеска ќе се одржи екоработилница и јуниорска планинска трка во сабота.
– Интересно е да се напомене дека за настанот „Охрид ултратреил“ има огромен интерес од странските тркачи и авантуристи и тоа не само од околните соседни држави туку и од далечни. Досега настанот континуирано бележи статистика од над 60 отсто странски тркачи, а годинава на трките ќе трчаат претставници од 36 земји (најголема разновидност досега), и тоа од Шведска, Финска, Данска, Норвешка, Полска, Јужна Африка, Саудиска Арабија, Јордан, Словачка, Чешка, Сингапур, САД, Франција, Турција, Велика Британија, Словенија, Италија итн., покрај стандардните поддржувачи од Србија, Албанија, Косово и Грција – дополнуваат организаторите.