Слепата јасновитка Вангелија Гуштерова, родена Пандева, позната во целиот свет како Баба Ванѓа (1911 – 1996), по потекло е од Струмица, Македонија, но поголемиот дел од животот го минала во Петрич, Бугарија, каде што и почина. Таа во своите предвидувања за иднината ја навела и 2022 година. Она што таа го видела во своите визии за годинава воопшто не е розово, бидејќи Баба Ванѓа предвидела нова пандемија, природни катастрофи, глад, криза за вода…
Меѓу другото, таа предвидела дека виртуелната стварност, наводно, ќе ја преземе контролата над луѓето, кои повеќе време од кога било ќе минуваат пред екраните, односно повеќе ќе живеат во виртуелниот отколку во реалниот свет.

Новата пандемија ќе дојде од Сибир

Според Баба Ванѓа, нѐ очекува уште една пандемија, која овој пат ќе дојде од Сибир, а ќе ја предизвика замрзнат вирус што ќе биде ослободен по топењето на мразот поради климатските промени. Вирусот брзо ќе се прошири низ целиот свет, а неговото ширење нема да може да се контролира.
Исто така, како што предвидела таа, во многу градови ќе има недостиг од вода, што ќе предизвика големи политички последици, зашто земјите ќе бараат алтернативни решенија. Во Индија може да дојде до глад, зашто температурите ќе се искачат на 50 степени, што ќе предизвика наезда на скакулци, кои ќе ги нападнат посевите. Планетата ќе ја погодат и земјотреси и цунами, а најзагрозени ќе бидат Австралија и Азија.
Познатата јасновитка предвидела и напад на рускиот претседател Владимир Путин, но, како што рекла, тоа нема да биде негов крај. Од познатите политичари, го спомнала и Доналд Трамп, во врска со влошување на здравствената состојба, односно, според неа, станува збор за мистериозна болест со сериозни последици. Баба Ванѓа рекла и дека ќе има смена на британскиот престол оваа година, а во Северна Кореја населението ќе се побуни против владеењето на Ким Џонг-ун. Таа предвидела и паѓање на метеорит на Земјата, а она во што малкумина веруваат е дека наводно Земјата ќе ја нападнат вонземјани, кои ќе ги заробат луѓето.
Нејзините подоцнежни визии вклучуваат и промена на Земјината орбита во 2023 година, а рекла и дека астронаутите ќе патуваат на Венера во 2028 година. Според нејзините визии, муслиманите ќе завладеат со Европа во 2043 година.
Според Баба Ванѓа, во 2046 година луѓето ќе живеат подолго од 100 години, благодарение на технологијата на трансплантација на органи, а од 2100 година на Земјата нема да има ноќ, бидејќи вештачко сонце ќе ја осветлува другата Земјина полутопка. Таа предвидела и дека ледените поларни кругови ќе се стопат од 2033 до 2045 година, по што нивото на океаните нагло ќе порасне.
Крајот на универзумот таа го предвидела за 5079 година.

Вистински предвидувања или обични приказни

Пророчицата стана позната во светски рамки дури по смртта, поради исполнетото пророштво за терористичкиот напад на 11 септември 2001 година на кулите близначки во Њујорк. Иако Баба Ванѓа била неписмена, нејзините визии ги запишувале блиски пријатели и роднини. Таа, наводно, ја предвидела и Втората светска војна, а се верува дека ја посетил и фашистичкиот диктатор Адолф Хитлер, но излегол разочаран од нејзината куќа, бидејќи му претскажала неславен крај на војната.
Таа го претскажала и датумот на својата смрт, 11 август 1996 година, а пред да почине открила дека дарба како нејзината наследило 10-годишно слепо девојче од Франција, за кое наскоро ќе се слушне. Наводно, пред да замине од овој свет изјавила; „Еве ја кроната доаѓа, ќе биде насекаде“.
Иако голем број луѓе веруваат дека предвидувањата на Баба Ванѓа се остваруваат и по нејзината смрт, други мислат дека тоа се само обични приказни. Сепак, феноменот на најпознатата балканска јасновитка сѐ уште привлекува огромно внимание на јавноста. За нејзиниот живот се снимени многу емисии, документарци и играни серии, а напишани се и многу написи во весниците, фељтони и книги.