Австралиските експерти тврдат дека го пронашле „конечното почивалиште“ на бродот „ХМС ендевор“, со кој легендарниот капетан Џејмс Кук пловел со својот екипаж, но нивните американски колеги го оспоруваат тоа, сметајќи дека тврдењата се „предвремени“.
Австралискиот национален поморски музеј соопшти дека потонатиот брод пронајден во пристаништето Њупорт, во близината на Род Ајленд, САД, е потврден како „ХМС ендевор“. Но од проектот за морска археологија на Род Ајленд веднаш се огласија, велејќи дека има многу неодговорени прашања. Британскиот брод се закотвил во источна Австралија во 1770 година, а пловел по Јужен Пацифик неколку години откако го напуштил Плимут во Англија. Бродот подоцна бил познат и како „Лорд Сендвич 2“, а потонал заедно со 12 други бродови во близината на Род Ајленд, во август 1778 година. Никој не беше сигурен каде точно, меѓутоа австралиската АНММ соопшти дека неговата локација е потврдена.
Драго ми е што конечно беше потврдено почивалиштето на еден од најважните бродови во австралиската поморска историја. Последните парчиња од сложувалката мораше да бидат потврдени пред да можам да го објавам ова. Врз основа на архивски и археолошки докази, убеден сум дека тоа е „Ендевор“ – изјави директорот на АНММ, Кевин Сампшн.
Меѓутоа, американските колеги го оспоруваат ова тврдење, откако самите со години работеле на пронаоѓање на бродот, тврдејќи дека идентификувањето на „Ендевор“ е прерано.
РИМАП ја обвини АНММ за прекршување на меѓусебниот договор меѓу двете организации, кој се однесува на спроведување истражувања и начини на јавно објавување на резултатите.
Она што го гледаме на местото на урнатините се согласува со она што може да се очекува од „Ендевор“, но не се пронајдени непобитни податоци за да се докаже дека ова е навистина локацијата на легендарниот брод, а има и голем број неодговорени прашања што би можеле да го поништат ова тврдење – изјави директорката на РИМАП, Кети Абас.
Таа додаде дека по завршувањето на истражувањето, организацијата ќе објави легитимен извештај на веб-страницата, заедно со заклучоците засновани на соодветниот научен процес, а не на австралиските емоции и политика.
„Ендевор“ е бродот со кој капетанот Кук ги мапира Нов Зеланд и Австралија, помеѓу 1769 и 1771 година. Британскиот истражувач стигнал до југоисточниот брег, денешна Австралија, уште во 1770 година, а на крајот пристигнал во Ботаничкиот Залив.