Холивудската дива и поранешна бонд-девојка Дениз Ричардс ужива во шолја чај „гуд нејчр“, во производство на „Алкалоид“. Во најновата сезона на „Вистинските домаќинки од Беверли Хилс“, едно од најгледаните американски шоуа од овој карактер, Ричардс, во друштво на остатокот од екипата, ужива во шолја чај од македонскиот бренд.
– Во десеттата епизода од актуелната 13-та сезона, една од ријалити-ѕвездите, Кристал Кунг Минкоф, на тако-забавата што ја организира за своето друштво од Беверли Хилс го послужува токму чајот „гуд нејчр“ како свој избор на пијалак. Само споменатата епизода постигна гледаност од над 1.100.000 гледачи, што за нашиот бренд значи постигнување огромна видливост и е уште една потврда дека квалитетот е секогаш препознаен – дома и во светот – велат од „Алкалоид“, кој како производител на чаеви е присутен на американскиот пазар речиси 20 години, најпрвин преку соработката со АВЕДА, членка на групацијата „Есте Лаудер“, а потоа и со пласман на своето портфолио „Гуд нејчр“ во 2010 година.
Четири години подоцна, како следен чекор во ширењето на брендот „Гуд нејчр“, чаевите на „Алкалоид“ стануваат достапни за продажба и преку најголемата платформа за онлајн трговија „Амазон“, исполнувајќи ги високите критериуми што ги налага светски познатиот гигант при изборот на производи што може да се продаваат преку платформата. Во 2020 година „Гуд нејчр“ остварува уште еден успех добивајќи признание за еден од своите производи, чајот „гуд нејчр хелти харт“, кој се најде на престижната листа на „Амазонс чојс“ како еден од најдобро продаваните производи на „Амазон“.