Издавачката куќа „Антолог“, во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“, ја објави книгата „Малиот бог на земјотресот“ од Петар Денчев.
– Книгата започнува како и многу други: со разделба. Една жена го напушта својот маж без некоја особена причина. Го прави тоа старомодно, со белешка напишана на рака. Тој не изгледа изненаден, дури на почетокот воздивнува со олеснување дека не ѝ се случило ништо лошо. Така навлегуваме во светот на еден нереализиран филозоф што е сопственик на цвеќарница. Во обид да ја открие мистеријата на исчезнувањето на својата сопруга, презема трауматично патување во минатото – во својот гардеробер, среде руините на татковата куќа, по софиските улици, на брегот на Дунав, среде чаршијата во Скопје… – вели издавачот за содржината на книгата.
Петар Денчев е бугарски писател и театарски режисер. Во 2010 година дипломирал режија на НАТФИЗ „Крсто Сарафов“. Дебитира со раскази и поезија што веднаш се наградени и номинирани на разни конкурси. Неговите театарски претстави поставени на сцените на големите театри во Бугарија гостувале на различни фестивали во Србија, Црна Гора, Романија и во Косово и оттогаш датира неговиот интерес кон земјите од поранешна Југославија. Автор е на збирката раскази „Приказни во минато време“, како и на експерименталниот роман „Тивкото сонце“. Негови најнови дела се „Малиот бог на земјотресот“ (2019) и „Превртување“ (2021).
Преведувачот Душко Крстевски од бугарски јазик ги има преведено делата на: Кристин Димитрова, Здравка Евтимова, Георги Господинов, Васил Георгиев, Алек Попов, Александар Секулов, Захари Карабашлиев, Виктор Пасков, Калин Терзијски, Добромир Бајчев, Петар Денчев и многу други.