Археолозите што работат на римските гробишта стари 2.000 години, откриени во Газа минатата година, пронајдоа најмалку 125 гробници, повеќето со скелети што сè уште главно се недопрени, и два ретки оловни саркофага, соопшти палестинското министерство за антиквитети.
Сега сиромашната палестинска територија некогаш била важна трговска станица за цивилизациите уште од античките Египќани и Филистејци опишани во Библијата, преку Римската Империја и Крстоносните војни.
Во минатото, локалните археолози повторно ги закопуваа наодите поради недостиг од средства, но француските организации помогнаа во ископувањето на локацијата, која беше откриена минатиот февруари од градежна екипа што работеше на станбен проект финансиран од Египет.
– Ова е првпат да откриеме гробишта со 125 гробници во Палестина, а првпат откривме два саркофага направени од олово во Газа – изјави за „Ројтерс“ Фадел ал Аутул, експерт од Француската школа за библиски и археолошки истражувања.
Еден од двата саркофага беше украсен со слики од грозје, а другиот со делфини.
– Потребни ни се средства за да се зачува овој археолошки локалитет за да не се измие историјата – додаде тој.
Аутул рече дека се надева дека локацијата ќе стане туристичка дестинација, со музеј за прикажување на наодите.
Најмалку 25 инженери и техничари беа ангажирани во копање, чистење на земјата и зачувување на скелетите и покрај интензивната топлина. Тие, исто така, ги споиле глинените садови пронајдени во некои гробови.
– Ова е без преседан. Ги продлабочува палестинските корени на оваа земја и покажува дека тие датираат илјадници години – рече Џамал Абу Реида, генерален директор на Министерството за антиквитети во Газа.