Кралот Чарлс Трети и кралицата Камила ги објавија своите први официјални портрети по крунисувањето. Портретите ги направи фотографот Хуго Бурнанд, а Бакингемската палата ги објави на официјалниот инстаграм-профил на кралското семејство, заедно со порака од кралот Чарлс.
– Како што се приближува крајот на викендот на крунисувањето, јас и мојата сопруга сакаме да ја споделиме нашата искрена и длабока благодарност со сите што помогнаа оваа пригода да биде толку посебна. Им оддаваме особено признание на безбројните луѓе што одвоија време и посветеност за прославите во Лондон, Виндзор и други места да бидат што е можно посреќни и побезбедни. Им благодариме на сите што се придружија на прославата – без разлика дали беа дома, на уличните забави и ручеци или со волонтирање во заедниците. Вашата поддршка и охрабрување сведочат за вашата добрина изразена на толку многу начини и тоа е најголемиот можен крунисувачки подарок, а ние сега повторно ги посветуваме нашите животи служејќи му на народот на Обединетото Кралство и на земјите од Комонвелтот – гласи пораката на кралот во описот на објавата.

На својата самостојна фотографија Чарлс носи кралска круна и наметка додека држи кралско јаболко и владетелски жезол со крст, седнат на еден од столовите направени за кралот Џорџ Петти и кралицата Марија во 1902 година. На друга фотографија Камила стои облечена во бел фустан, а ги носи круната и наметката на кралицата Марија. Кралот и кралицата позираа и за заеднички портрет, како и за еден со други членови на кралското семејство. На групната фотографија се и принцот Едвард – војводата од Кент, Биргит – војвотката од Глостер, принцот Ричард – војводата од Глостер, сер Тим Лоренс – вицеадмиралот, принцезата Ана, принцот Вилијам од Велс и принцезата Кетрин од Велс, Софи – војвотката од Единбург, принцезата Александра, леди Огилви и принцот Едвард – војводата од Единбург.