Најважните производи на „Тесла“ оваа и следната година нема да бидат автомобилите, туку софтверот што работи на автономниот и хуманоиден робот, кој, според очекувањата на компанијата, ќе им ја олесни работата на луѓето во фабриките, изјави Илон Маск, извршниот директор на американскиот производител на електрични возила.
– Би бил шокиран доколку оваа година не постигнеме целосно автономно возење, што е побезбедно од човечкото возење – вели Маск, додавајќи дека целосното автономното возење ќе стане најважниот извор на профитабилност за „Тесла“, пренесува „Ројтерс“.
Според него, тоа е незамисливо добро од финансиска гледна точка, наведувајќи како пример роботизирано такси (робот такси), кое би ја зголемило искористеноста на возилата за пет пати, бидејќи сопствениците би можеле да ги испраќаат своите автомобили како такси-возила, кога не им се потребни за приватни намени.
Смелите ветувања на најпознатиот милијардер во индустријата за електрични автомобили се соочуваат со големи предизвици, од технологија до регулација, оценува британската агенција, истакнувајќи дека „Тесла“ и другите компании од областа на автомобилските технологии не успеале да ги постигнат своите цели со софтверот за автономно возење.
Маск исто така рече дека неговите инженери работат на лансирање хуманоиден робот следната година, наречен Оптимус, кој на крајот би можел да го реши глобалниот недостиг од работна сила, додека во првата фаза би можел да пренесува стока низ фабриката.
– Мислам дека роботот има потенцијал со текот на времето да стане поважен од бизнисот со автомобили – додаде тој.