„Мета“ во наредните денови ќе ја укине функцијата што досега им овозможуваше на корисниците да се допишуваат со своите пријатели од социјалната мрежа Фејсбук на Инстаграм.
Компанијата ја воведе оваа можност во 2020 година, а сега ќе ја „исклучи“ интеграцијата меѓу платформите без причина. Оваа одлука би можела да биде потег за избегнување на регулаторните последици во Европската Унија.
Интеграцијата меѓу платформите беше најавена во 2019 година и „оживеа“ во 2020 година, со што се „избришаа границите“ меѓу двете најпопуларни услуги на компанијата „Мета“. Но Месинџер и Инстаграм сега повторно се разделуваат, што значи дека нема да може да започнете нов разговор или да се слушнете со вашите пријатели на Фејсбук преку Инстаграм.
Оние што имаат постојни разговори со фејсбук-профили на Инстаграм ќе можат да ги задржат, но во верзија „само за читање“.
Покрај тоа, корисниците на Фејсбук повеќе нема да можат да го видат статусот на вашата активност, како и извештајот за читање на пораката.
Конечно, сите постојни разговори со фејсбук-профили нема да бидат преместени во сандачето на која било платформа.