Музичката група „Ефтеркланг“ од Копенхаген, Данска, престојуваше на музичка резиденција во Скопје од 23 до 29 април, кога во соработка со „Македониум бенд“, составен од неколку локални музичари, работеа на заедничка музика. Бендот го сочинуваат: Мартина Баракоска, Дина Јашари, Јане Трајковски, Стефан Стојковски, Ива Дамјановски и Женскиот младински хор при МКЦ. Музичкото дело премиерно беше изведено во неделата во Крушево, пред споменикот „Македониум“, на зајдисонце.
Овој единствен и магичен музички повик за будење на пролетта се одржа во едно од најпезажните места во нашата прекрасна држава.
„Ефтеркланг“ е бенд што досега настапувал трипати во Македонија, со еден нивен самостоен концерт во киното „Фросина“ и двапати на фестивалот „Здраво млади“ во МКЦ. Концертот беше поддржан од институтот „Гете“ и од Министерството за култура.