На север на Њуфаундленд, во Канада, се наоѓа селото Ланси Медоуз, за кое се смета дека го населиле викинзите уште во 1021 година. Според истражувањата што неодамна ги објави магазинот „Нејчер“,а ги пренесе Си-ен-ен, викинзите го „престигнале“ Колумбо и станале првите што го преминале Атлантикот до Америка. Стеблата пресечени со метални сечила, какви што староседелците не познавале, се една од трагите што викинзите ги оставиле зад себе.
Историчарите сметаат дека северноевропските морепловци и воини имале извонредна вештина за градење бродови, но им недостигале суровини, па затоа преку океанот тргнале во потрага по алтернативни извори.
Селото Ланси Медоуз може да биде легендарниот Винланд, овековечен во викиншките саги, како место што се користело за обновување на резервите на храна пред одењето на експедицијата кон запад или, пак, враќањето на исток, назад на Гренланд.
Некои стручњаци веруваат дека викинзите стигнале до Северна Америка и до Големите Езера, иако доказите за тоа се на ниво на претпоставки. Не е познато колку тие се задржале во Ланси Медоуз, но се смета дека станува збор за неколку години, најмногу деценија. Има претпоставки дека стотина викинзи зад себе оставиле градби што личат на нордиските згради на Гренланд и на Исланд.
Без оглед на историските факти, Ланси Медоуз е место што вреди да се посети, најпрво заради природните убавини. Се наоѓа на 51 километар оддалеченост од аеродромот „Сент Ентони“ и пет часа возење од националниот парк Грос Морн. Доколку некогаш ве одведе патот во тој дел на Канада, зачувајте најмалку три часа за да ја посетите обновената населба прекриена со трева, да ѕирнете во центарот направен за посетителите и да прошетате по патеките. Секогаш има сезонски случувања и можност да се ужива во прекрасната панорама на заливот.