Фото: Пиксабеј

Агенцијата „Пиксел“ наведе десет животни што директно или индиректно убиваат најголем број луѓе во светот секоја година.
На прво место се комарците, кои во просек убиваат 725.000 луѓе. Маларијата е една од најпознатите болести што ги пренесуваат комарците. Тие се и носители на вирусот зика, западнонилскиот вирус и неколку други болести.
На второ место е човекот, кој годишно убива во просек по 400.000 луѓе. Наведено е дека човекот е втора најголема причина за смрт кај неговиот вид.
На трето место се змиите, кои годишно убиваат во просек по 138.000 луѓе. Според Светската здравствена организација (СЗО), во светот постојат повеќе од 600 вида отровни змии, но само 200 од нив се опасни за луѓето. Кралската кобра е една од нив.
Зад змиите стојат кучињата. Тие годишно убиваат во просек по 59.000 луѓе со пренесување беснило. Ова е особено голем проблем во Азија, Африка и во Централна и Јужна Америка. Следни на листата се бубачките убијци (10.000), скорпиите (3.300), крокодилите (1.000), слоновите (600), нилските коњи (500) и лавовите (200).