Фото: Пиксабеј

Климатските промени предизвикани од човекот се прашање на живот и смрт, па затоа е неопходно што поскоро да се намали или да се запре емисијата на штетни гасови, велат истражувачите. Ако глобалното затоплување достигне или надмине два степена Целзиусови до 2100 година, главно богатите луѓе и земји ќе бидат одговорни за смртта на повеќе од една милијарда главно сиромашни луѓе во следниот век, вели Џошуа Пирс, професор на Универзитетот во западно Онтарио во Канада.

Агресивни зелени закони

Нафтената и гасна индустрија, која е една од најпрофитабилните и највлијателни бизниси во светот, е директно и индиректно одговорна за повеќе од 40 проценти од емисиите на јаглерод диоксид, што влијае на животите на милијарди луѓе, од кои многумина живеат во далечните и сиромашните заедници. Нова студија предлага агресивни зелени закони, што би довело до значително и ненадејно намалување на емисиите на штетни гасови, како и зголемено ниво на дејствување на владите, корпорациите и граѓаните во процесот на декарбонизација на глобалната економија, сѐ со цел да се намали бројот на жртвите, се наведува во истражувањето, што го објави Физ.орг.
– Оваа бројка на загинати е неприфатлива. Тоа е многу страшно, всушност, особено за нашите деца – изјави Пирс, шеф на Одделот за информатичка технологија и иновации на Универзитетот во западно Онтарио и главен автор на студијата.

Голем преглед на повеќе од 180 статии од научната литература, во кој учествуваше коавторот на студијата Ричард Паркат од Универзитетот во Грац, Австрија, беше објавен во списанието „Енерџис“. Двајцата откриле пресметка, според која, се проценува дека на секои 1.000 тони согорени фосилни горива по едно лице умира прерано.
– Енергетските бројки како мегавати значат нешто за инженерите како мене, но не и за повеќето луѓе. Слично на тоа, кога климатските научници зборуваат за честички на јаглерод диоксид во воздухот, тоа не значи ништо за повеќето луѓе. Неколку степени на просечна температура исто така не се загрижувачки. Сепак, бројот на загинати е нешто што секој ќе го разбере. Ако консензусот на научниците околу 1.000 тони се сфати сериозно и се проверат бројките, тогаш антропогеното глобално затоплување води до една милијарда предвремени смртни случаи во следниот век. Јасно е дека мора брзо да реагираме – изјави Пирс.

Опасноста од зависноста од фосилни горива

Како експерт за енергетска политика, тој се надева дека менувањето на јазикот и мерењето на глобалното затоплување може да направи повеќе законодавци и индустриски лидери да сфатат колку е опасна зависноста на светот од фосилните горива.
– Како што климатските модели стануваат појасни, штетата што им ја правиме на децата и на идните генерации може сѐ повеќе да им се припишува на нашите постапки – вели Пирс.

За да се запре загадувањето и да се спасат многу човечки животи, човештвото мора да престане со употребата на фосилни горива што е можно поскоро и со многу поагресивен пристап.

Според резултатите од студијата, енергетската политика мора да се промени со подобрување на зачувувањето на енергијата, ефикасноста и рационалноста во нејзиното користење, што мора да биде поддржано од владите со програми за индустриски, земјоделски, сообраќајни и обични корисници, како и целосна замена од сите штетни горива како јаглен, нафта и природен гас со горива од обновливи извори на енергија…
– Да бидам јасен, да се предвиди иднината е тешко. Во секој случај, мора да реагираме најбрзо што можеме, тоа е кристално јасно. Глобалното затоплување е прашање на живот и смрт за милијарда луѓе. Речиси сите се согласуваат дека секој човечки живот е вреден, без разлика на возраста, културното или расното потекло, полот или финансиите. Затоа енергетската транзиција мора да се промени што е можно побрзо – истакна Пирс.