Филмот „Мајка“ не ја напушта листата на најгледани наслови. Станува збор за нов филм во продукција на „Нетфликс“, во кој главната улога ѝ е доверена на Џенифер Лопез. Филмот „Мајка“ е одличен показател дека листите на најгледани филмови не се нужно показател за интересот на гледачите, туку и механизам за нивно привлекување или промовирање нови наслови. Иако главната улога ѝ е доверена на голема американска ѕвезда, имаме впечаток дека ова е само хитот на месецот за „Нетфликс“, внимателно поставен навреме за Денот на мајката. Од друга страна, сосема е очигледно дека за Џенифер Лопез тоа беше само уште еден деловен ангажман да ја здебели жиро-сметката. Некој на социјалните мрежи го опиша акцискиот трилер „Мајката“ како филм што можете да го пуштите во заднина додека извршувате некоја домашна задача – и не можеме да не се согласуваме. Предвидливиот заплет, нецелосното сценарио и немањето емоции кај портретираните лица само придонесуваат да не се гледа филмот со фокус. Сепак, доколку ве интересира може да го погледнете. Филмот е за платен убиец трениран од војската, кој излегува од својата прикриена улога за да ја заштити својата ќерка.