Фото: З.А.

Како и претходните неколку години така и годинава пчеларите во кичевско-бродскиот регион се незадоволни од временските услови и според нивни проценки ако продолжи периодот на чести врнежи од дожд, студени ноќи и ветер, тогаш и оваа година приносите од мед ќе бидат многу слаби а цените ќе продолжат да растат.

-Изминатиот период е крајно неповолен за нас пчеларите, бидејќи секојдневните врнежи од дожд и студеното време во ноќните часови како и ветерот, имаат негативен одраз врз пчеларството. Во изминатите две седмици имавме интензивно цветање на багремот но честите врнежи од дожд го измија поленот од багремовите цветови, што придонесе да нема зголемена паша на пчелите. За очекување е цветањето на липите да ја подобри состојбата, но ако продолжи дождливото време и тогаш резултатот ќе биде неповолен – вели претседателот на земјоделското здружение„ Виножито“ од Кичево, Коста Галиманоски.

Според неговита проценки до крајот на летото на пчелите им преостанува да го почекаат цветањето на дабот а потоа и на костенот за, барем донекаде, се спаси годината.

-Во случај ако продолжат врнежите од дожд, тогаш на пчеларите им преостанува да ги хранат пчелите со шеќерен сируп, само за да не ја намалат бројноста во сандаците а за некаква надеж за поголеми приноси не станува збор. Според мојата евиденција ова е осма година по ред откако пчеларите во нашиот регион не можат да бидат задоволни од приносите на мед, додека трошоците за нивно одгледување од година на година се се поголеми и поголеми – додаде Галиманоски.

Тој нагласи дека слична или идентична е состојбата во речиси целата наша земја. З.А.