ЧЕСТИТКИ ОД КИНЕСКАТА АМБАСАДА ДО МЛАДИТЕ МАКЕДОНСКИ ТАЛЕНТИ

Нов голем успех постигнаа младите македонски математичари што учествуваат на тековната 67. Интернационална математичка олимпијада што се одржува од 10 до 21 јули во Шангај, Кина. Шестчлената екипа, која ја претставуваше Македонија, во голема конкуренција успеа да освои еден златен и три бронзени медали. Со највредниот медал се закити еден од најуспешните млади македонски математичари Дамјан Давков од Штип, а бронзените медали ги добија Ивано Божиновски, Андреј Тасиќ и Леонид Тодороски.
– Честитки до брилијантните млади таленти од Македонија за освоените златен и бронзен медал на 67. Меѓународна математичка олимпијада (ИМО) во Шангај, Кина. Им посакуваме континуиран успех и уште поголеми достигнувања во иднина! – порачаа од Амбасадата на НР Кина во Скопје.
Младите математичари месецов беа примени и во просториите на македонската амбасада во Пекинг, Кина, а добредојде и многу успеси им посака нашиот амбасадор Сашко Насев.
Веста за овој нов голем успех на престижниот светски натпревар на социјалните мрежи ја сподели Никица Давкова, мајката на Дамјан. Во објавата се додава дека пофалница освоил Филип Калкашлиев, а успешно претставување имал и Марко Митевски. Лидер на тимот е Марко Петрушевски, а заменик-лидер Алексиј Тасиќ.
На Интернационалната математичка олимпијада во Шангај, на која настапуваат учесниците на средношколската возраст, се појавија 680 натпреварувачи од 120 земји.
Ова е нов успех на млади македонски математичари, кои постигнаа голем успех и на априлската Европска математичка олимпијада што се одржа во Вилнус, Литванија. И на неа Дамјан Давков освои златен медал, додека Ивано Божиновски освои сребрен медал, а Леонид Тодороски се закити со бронза. Во мај Дамјан Давков на 43. Балканска математичка олимпијада, одржана во Солун, Грција, го освои првото место и се закити со златен медал. На овој натпревар Андреј Тасиќ и Ивано Божиновски освоија бронзени медали.