Интернационалниот фестивал на млади пејачи „Студентско лето 2023“ годинава ќе се одржи на 8 и 9 септември во Маглај, Босна и Хереговина. Тој е еден од најстарите музички фестивали во БиХ и во регионот. Токму на сцената на овој фестивал своите почетоци ги имале Марија Михајловиќ, Слаѓана Милошевиќ, Жељко Самарџиќ, Лепа Брена, Северина, Даниел Поповиќ и многу други. Од македонските музички ѕвезди, на овој фестивал настапила Верица Ристевска во 1974, кога однела победа со песната „Студено срце“.

Како што истакна професорот Бенјамин Хасаниќ, член на Организациксиот одбор и одговорен за фестивалските вечери, jaвниот повик за млади пејачи траеше еден месец, а изведувачите беа избирани на два начини и тоа преку интерен и преку јавен повик.

-Годинава имаме рекорден број пријави. Дури 71, а изненадени сме од одзивот на изведувачи од Македонија и од Србија – вели Хасаниќ, кој како музичар своите почетоци ги направил токму на овој фестивал.

Сите изведувачи ги прати фестивалски оркестар со кого раководи професор Амир Мухаремовиќ.

-Концептот на фестивалот не е променет и наша цел е на пошироката публика од регионов да ѝ се претстават интерпретатори кои со своите изведби ќе ги освојат срцата на слушателите, а за многу од нив „Студентско лето“ ќе биде одскочна штица како за многу сегашни ѕвезди- информира Хасаниќ.

Годинава има иновации во поглед на гласањето, а тоа се однесува на гласањето на публиката која ќе може да гласа со скенирање на QR код, а резултатите пак, ќе можат да се следат во реално втеме. Со тоа ќе се создаде доза на адреналин, но ќе се обезбеди и поголемо ниво на транспарентност. Освен публиката, награда ќе додели и жирито составено од новинари како и стручното жири кое одлучува за победникот на Фестивало во двете конкуренции, забавна и народна музика.

Во двете фестивалски вечери ќе се претстават 30 изведувачи од 7 држави. Дознаваме дека Македонија има свои четворица претставници, но кои се нивните имиња ќе дознаеме за неколку дена кога ќе биде објавена официјалната листа на учесници.
Ф.Д.