Во Индиски Океан постои „гравитациска дупка“, место каде што гравитациската сила на Земјата е послаба, нејзината маса е помала од нормалната, а нивото на морето се намалува за повеќе од сто метри. Оваа аномалија, која долго време ги збунуваше геолозите, конечно е разјаснета.
Истражувачите од Индискиот институт за наука во Бенгалуру, Индија, го пронајдоа она што тие веруваат дека е веродостојно објаснување за формирањето на гравитациската дупка: тоа се облаците од магма што доаѓаат од длабочината на планетата, слични на оние што доведуваат до формирање вулкани, пренесува „Си-ен-ен“.
За да дојде до оваа хипотеза, тимот користел суперкомпјутери за да симулира како таа област можела да се формира, и тоа дури 140 милиони години наназад. Наодите, детално прикажани во студијата објавена неодамна во списанието „Џиофизикал рисрч летерс“, се фокусираат на антички океан што повеќе не постои.

Океанот што исчезнува

Луѓето се навикнати да ја замислуваат Земјата како совршена сфера, но тоа е далеку од вистината.
– Земјата во основа е грутлив компир. Значи, технички тоа не е сфера, туку она што ние го нарекуваме елипсоид, бидејќи додека планетата ротира, централниот дел се испакнува нанадвор – вели коавторката на студијата Атри Гош, геофизичарка и вонредна професорка во Центарот за науки за Земјата при Индискиот институт за наука.
Таа додава дека нашата планета не е хомогена по својата густина и нејзините својства, некои области погусти од другите, што влијае на површината на Земјата и нејзината гравитација.

Земјата и нејзината гравитација

– Ако истурите вода на површината на Земјата, нивото што водата го зафаќа се нарекува геоид, а тоа е контролирано од овие разлики во густината на материјалите внатре во планетата, бидејќи тие ја привлекуваат површината на многу различни начини, во зависност од тоа колку маса има под – рече Гош.
„Гравитациската дупка“ во Индиски Океан, официјално наречена долниот дел на геоидот на Индиски Океан, е најниската точка во тој геоид и негова најголема гравитациска аномалија, формирајќи кружна вдлабнатина што започнува веднаш од јужниот врв на Индија и опфаќа околу три милиони квадратни километри. Аномалијата беше откриена од холандскиот геофизичар Феликс Андрис Венинг Мајнес во 1948 година, за време на гравитациското истражување со брод и остана мистерија.
– Тоа е убедливо најголемото намалување на геоидот и не е добро објаснето – рече Гош.
За да најдат потенцијален одговор, Гош и нејзините колеги користеле компјутерски модели за да го вратат часовникот 140 милиони години наназад за да ја видат големата слика, геолошки.
– Имаме некои информации и одредена доверба за тоа како изгледала Земјата тогаш. Континентите и океаните беа на многу различни места, а структурата на густината беше исто така многу различна – објасни таа.
Од таа почетна точка, тимот има спроведено 19 симулации до денес, рекреирајќи го движењето на тектонските плочи и однесувањето на магмата, или стопената карпа, во плаштот – дебелиот слој од внатрешноста на Земјата што се наоѓа помеѓу јадрото и кората. Во шест сценарија се формираше геоидско ниско ниво слично на она во Индиски Океан.
– Различниот фактор во сите шест од овие модели беше присуството на облак од магма околу основата на геоидот, за кој, заедно со блиската структура на плаштот, се верува дека е одговорен за формирањето на „гравитациската дупка“. Индија беше на сосема друго место пред 140 милиони години, а имаше океан помеѓу индиската плоча и Азија. Индија почна да се движи кон север и додека да го стори тоа, океанот исчезна и јазот со Азија се затвори – објасни Гош.