Научниците идентификуваа осум нездрави животни навики, кои, доколку се променат, би можеле да доведат до тоа луѓето да живеат 20 години повеќе.
Според студијата, недостигот од вежбање, употребата на опиоиди и пушењето имаат најголемо негативно влијание врз животниот век и може да доведат до 30-45 отсто поголем ризик од смрт.
Стресот, прекумерното пиење, лошата исхрана и лошата хигиена на спиењето биле поврзани со зголемен ризик од смрт за околу 20 проценти. Додека недостигот од позитивни социјални односи е осмата спомената навика и е поврзана со пет проценти зголемен ризик од умирање.
Во меѓувреме, посебна студија сугерира дека вклучувањето на маслиновото масло во вашата исхрана може да помогне да се намали ризикот од смрт од деменција. Јадењето повеќе од половина лажица маслиново масло дневно е поврзано со 28 отсто помал ризик од смрт од оваа состојба, во споредба со оние што никогаш или ретко го консумирале ова масло, велат истражувачите.
Наодите од двете студии беа презентирани на „Нутришн 2023“, годишниот состанок на Американското здружение за исхрана во Бостон, и може да вклучуваат повеќе ажурирани бројки од податоците првично доставени за состанокот.
Истражувањето, кое ги проучувало навиките за животниот стил, користело податоци од медицински досиеја и прашалници собрани помеѓу 2011 и 2019 година од 719.147 лица.
Открило дека на мажите што ги имале сите осум здрави навики, вклучувајќи и висока физичка активност и непушење – на 40-годишна возраст им се предвидувало дека ќе живеат во просек 24 години подолго од мажите што немаат ниту една од овие навики, а дополнителни 21 година за жените.