Во овој период од годината морскиот мраз на Антарктикот обично се зголемува, но сега научниците забележале нешто друго. На Антарктикот му недостига морски мраз со големина на Аргентина, или околу 1,6 милион квадратни километри, што значи дека неговиот обем достигна најниско ниво за овој период од годината.

Настан што се случува еднаш на неколку милиони години

Секоја година во февруари на Антарктикот завршува летото, а морскиот мраз што го опкружува континентот ја достигнува најниската точка, за повторно да „расте“ во текот на зимата. Меѓутоа, научниците оваа година забележале дека мразот не се вратил како вообичаено.
За разлика од Арктикот, каде што морскиот мраз постојано се намалува поради климатската криза, морскиот мраз на Антарктикот покажа значителни флуктуации во последните децении, што го прави предизвик за истражувачите што сакаат да го разјаснат неговиот одговор на глобалното затоплување.
Меѓутоа, од 2016 година, научниците беа сведоци на голем пад на трендот, што кулминира со алармантно ниско ниво оваа зима.
Некои научници го опишуваат овој настан како „извонредно исклучителен“ и се смета за толку редок што се проценува дека се случува само еднаш на неколку милиони години.
Тед Скамбос, глациолог од Универзитетот во Колорадо Болдер, за „Си-ен-ен“ изјави дека системот на Антарктикот е драстично променет, што ги прави претходните проекции застарени.
– Играта се промени. Нема смисла да се зборува за шансите тоа да се случи како што беше порано, јасно е дека системот се промени – рече тој.
Голем број фактори придонесуваат за опаѓање на морскиот мраз, вклучувајќи ја и јачината на западните ветрови околу Антарктикот, кои се поврзани со зголеменото загадување на планетата, која се загрева.

Долгорочна трансформација на системот на Антарктикот

Потоплите температури на океаните северно од границата на Антарктикот исто така влијаат на овој феномен со мешање во водите, кои обично се изолирани од остатокот од светските океани. Последиците од намалувањето на морскиот мраз се значајни и далекосежни, иако морскиот мраз директно не придонесува за подигнување на нивото на морето бидејќи веќе лебди, неговото исчезнување има индиректни ефекти.
Крајбрежните ледени плочи и глечерите изложени на бранови и топли океански води стануваат сè поподложни на топење и отцепување, што го влошува глобалното зголемување на нивото на морето.
Влијанието врз дивиот свет е еднакво загрижувачко. Видовите како крил, кои се од суштинско значење за китовите во регионот, зависат од морскиот мраз за нивното живеалиште. Пингвините и фоките исто така се потпираат на морскиот мраз за хранење и одмор.
Антарктичкиот морски мраз е од витално значење за регулирање на температурата на планетата. Неговата рефлектирачка површина ја насочува дојдовната сончева енергија назад во вселената. Меѓутоа, како што се топи, потемните океански води апсорбираат повеќе од сончевата енергија, што доведува до дополнително затоплување.
Истражувачите се обидуваат да ги разберат основните причини за оваа драматична промена во нивото на мразот на Антарктикот. Додека некои предупредуваат дека е премногу рано да се утврди дали ова е нова норма, други како Тед Скамбос стравуваат дека овој невиден настан може да укаже на долгорочна трансформација на системот на Антарктикот.
Ако продолжи трендот, тоа би можело да има далекосежни ефекти низ целата планета, да влијае на временските обрасци и да предизвика пораст на нивото на морето, што им се заканува на крајбрежните заедници низ светот.