Фото: Маја Јаневска-Илиева

Енергетската криза влијаеше врз компаниите преку порастот на трошоците за работа. Стопанските субјекти во Македонија се соочија со пораст на трошоците за суровини од 20 до 50 проценти! Кај малите компании и кај компаниите од секторот земјоделство овој пораст е значајно поголем, што ги прави поранливи на сегашната и на идни кризи. Како што се наведува во анализата, забележливо е дека компаниите примениле неколку стратегии за справување со кризата, а забележано е дека постоеле разлики во зависност од типот на трошокот и големината и секторот на компанијата. Така, за да се справат со зголемените влезни трошоци (енергија, суровини), доминантна стратегија на компаниите од сите големини била „зголемување на цените на своите производи“, додека големите фирми почесто преземале стратегија за намалување на другите трошоци, се наведува во анализата на „Фајнанс тинк“

Анализа на „Фајнанс тинк“

Поентите и заклучоците во анализата на реномираната „Фајнанс тинк“, за влијанието на кризата предизвикана од конфликтот во Украина врз македонската економија што деновиве излегоа во јавноста, беа исклучително впечатливи.
Заради јавниот интерес, тие вредат уште еднаш да бидат издвоени и нагласени, во смисла на тоа една истражувачки фундирана дијагноза да биде показател на вистинската насока по која треба да почнат едни длабоки економски реформи во земјава, со претходно добро поставена анамнеза на економските болести на системот, кој е под влијание и на внатрешни, но и на надворешни фактори за стопанска деградација.
Имено, во анализата на „Фајнанс тинк“ се констатира дека „домашните компании се увозно зависни од суровини и енергија, и глобалниот пораст на цените брзо се пренесе во домашната економија. Енергетската криза влијаеше врз компаниите преку порастот на трошоците за работа и со тоа, освен цената на енергијата, и трошоците за суровини и за вработените забележаа пораст“…
Како што се наведува во анализата, забележливо е дека компаниите примениле неколку стратегии за справување со кризата: примарно, тие ги пренеле трошоците на цените од своите производи, направиле обид за намалување на другите оперативни трошоци, одложиле планирани инвестиции, а поретко застапен беше прекин на производството (само кај некои фирми од секторот земјоделство).
Сепак, во анализата е забележено дека постоеле разлики во зависност од типот на трошокот, а и големината и секторот на компанијата. Така, за да се справат со зголемените влезни трошоци (енергија, суровини), доминантна стратегија на компаниите од сите големини била „зголемување на цените на своите производи“, додека големите фирми почесто преземале стратегија за намалување на другите трошоци.

Енергијата поскапе за пет пати, големите фирми најизложени

Енергетската криза влијаеше врз компаниите преку порастот на трошоците за работа. Стопанските субјекти во Македонија се соочија со пораст на трошоците за суровини од 20 до 50 проценти. Кај малите компании и кај компаниите од секторот земјоделство овој пораст е значајно поголем, што ги прави поранливи на сегашната и на идни кризи, се наведува во анализата на „Фајнанс тинк“, каде што се објавени и резултати од анкетата во нашата земја.
При анкетата се обработени податоци за 112 фирми од различни профили и сектори, во текот на април и мај 2023 година.
Според анализата, влијанието на кризата врз енергетските трошоци на македонските фирми е сериозно, бидејќи тие се потпираат на електричната енергија како главен извор на енергија (за 73,1 отсто од компаниите).
Во делот на трошоците за енергија, повеќе од една третина од компаниите искусиле од двојно до петкратно зголемување на трошокот за струја помеѓу 2021 и 2022 година. Во овој сегмент големите компании беа најзасегнати, затоа што тие беа најизложени, односно купуваа струја на отворен пазар. Додека од аспект на сектори, компаниите од градежништвото беа најзасегнати. Околу 40 проценти од фирмите од овој сектор одговорија дека трошоците за енергија им се зголемиле за повеќе од пет пати, се наведува во анализата.
За повеќе од една третина од фирмите (37,6 отсто), зголемувањето на цената на клучниот енергетски влез се движеше од двапати до пет пати помеѓу 2021 и 2022 година. Ова беше повеќе случај за големите фирми, кои купуваа електрична енергија на отворен пазар.
Некои од фирмите (помеѓу 40 и 50 проценти) го реорганизирале работниот процес за да ја намалат потрошувачката на енергија, главно инвестирајќи во енергетски ефикасна опрема. И покрај ваквите структурни приспособувања, особено кај поголемите фирми, сепак речиси половина од нив одговориле дека ги зголемиле цените на сопствените производи и услуги како одговор на енергетскиот ценовен шок, односно пренесување на товарот врз потрошувачите. Пренесувањето на ценовниот шок врз цените на сопствените производи е најчесто во индустријата и градежништвото. Консолидацијата на трошоците како стратегија беше присутна во сите сектори.

Повисоките плати се одразија кај малите фирми

Во продолжение, анализата покажува дека поради војната во Украина, трошоците за работна сила се зголемиле, главно до 50 проценти во споредба со претходната година. Товарот од зголемените трошоци за работна сила е малку поголем кај малите фирми, во споредба со поголемите фирми, како и кај извозниците. Последново главно е резултат на недостигот од работна сила со средно ниво на вештини, што извршило главен притисок врз платите. Сепак, за околу третина од фирмите, зголемувањето на минималната плата било важен фактор во зголемувањето на трошоците за работната сила.
Секторски, недостигот од специфични занимања е изразен во градежништвото, каде што се ангажира и поевтина работна сила од странство. Притисокот на трошоците за работна сила беше најмал кај високоплатените дејности и услуги, веројатно затоа што нивото на платите таму веќе беше многу високо.
Притисокот на пазарот на работна сила силно се рефлектира во средните локални фирми со високоплатени услуги. Веројатно е дека повеќето од високоплатените фирми за услуги се почесто изложени на глобалните случувања, така што зголемувањето на платите таму е поттикнато од пазарните сили и на домашно и на глобално ниво. Сепак, минималната плата е значаен притисок на цената на трудот, пријавена од 32,2 отсто од фирмите. Малите фирми се најмногу погодени од зголемувањето на минималната плата, но притисокот врз другите фирми не е впечатливо помал. Нископлатените сектори, како земјоделството, градежништвото, и нископлатените услуги (трговија, транспорт, хотели) беа соочени со поголеми финансиски издатоци поради зголемувањата на минималната плата. Фирмите главно не реагираа на зголемените трошоци за работна сила со пренесување на товарот на потрошувачите преку зголемување на цените на сопствените производи и консолидација на трошоците. Другите потенцијални стратегии за справување со трошоците за работна сила вклучуваа намалување на бројот на работници или часови, користење владини мерки или аутсорсинг-услуги или процеси, но сите овие беа избрани од мал број фирми, стои во анализата на „Фајнанс тинк“. М.Ј.