Во Кристалната сала на КИЦ-Битола е поставена изложбата „Урбани импресии“ на Дејан Макаријовски.
– Оваа изложба, и покрај тоа што претставува само мал дел од творечкиот опус на Дејан Макаријоски, успешно ја потврдува неговата љубов кон ликовното изразување. Разновидноста во темите и стиловите е внатрешен одраз на таа континуирана борба и потреба за докажување и надминување на самиот себе. Тоа, всушност, е и едно од примарните начела на уметникот. Значителниот обем и техничката реализација на делата ги потврдуваат неговата посветеност, долготрпеливост и истрајност во овој макотрпен занает – пишува Васко Ѓоргиев.
Сликарството на Дејан Макаријоски е своевиден стилски колаж низ кој тој се движи со лесни, брзи, прецизни потези, слободно, неоптоварен со некаков патетичен или претенциозен непотребен естетизам.
Синтетизирајќи ги ликовните постапки со јасна визуелна поставеност, тој создава своевиден творечки фундус, од чија повеќенасочна збирка почнува да дестилира свој израз со специфична поетика. Тоа е особено видливо и присутно во негови урбани пејзажи, низ кои во контекстот на препознатливите урбани амбиенти, речиси без исклучок, поставува толпа од обезличени фигури – минувачи, осветлени од последните залези, сенки што градските „променади“ ги претвораат во нејасен кошмарен сон на отуѓеност, оддалеченост, непрепознатливост, изгубеност во сивилото на опстанокот, наспроти колористичката доминантност, која е како почетна сценографија пред драмата на тешката и неизлечива густа ноќ – пишува во својата ликовна критика Владо Ѓорески.