„Петра Пан филм продукција“ информира дека светската премиера на долгометражниот документарен филм „Тело“ на режисерката Петра Селишкар ќе се одржи во рамките на официјалната програма на 29. „Сараево филм фестивал“. Филмот ќе се натпреварува за наградата „Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм, заедно со 20 документарни остварувања селектирани од Рада Шешиќ.
– Филмовите на многу начини се инспиративни за гледачите, па дури и кога прикажуваат многу трауматични вистини, во себе носат енергија на позитивност – вели селекторката.
Филмскиот фестивал во Сараево ќе се одржи од 11 до 18 август.
„Тело“ е трогателен долгометражен документарен филм на веќе потврдената режисерка Петра Селишкар, кој опфаќа период од две декади за необичниот живот на нејзината блиска пријателка Уршка, која се бори со ретки автоимуни болести. Некогаш манекенка, а денес професионална пијанистка, Уршка се соочува со огромен број предизвици, но никогаш не го губи својот нескротлив дух. Филмот е спој на интимни разговори, лична архива и креативна визуализација, кој ги истражува мистериите на човечкото тело и моќта на уметноста и пријателството да допре до неговата суштина. Бурно патување кон исцелувањето и себеприфаќањето.
Петра Селишкар (родена во 1978 г. во Љубљана) е режисерка, продуцентка и сценаристка. Има способност јасно да ја види суштината во скриените детали, а преку нив и суштината на уметноста, културата, природата и сите аспекти на животот. Затоа таа им го посветува своето време на оваа планета на малите животни задоволства и, секако, на документарниот филм. Како режисерка и сценаристка ги потпишува документарните филмови „Збогување“, „Мојот превртен свет“, „Мама Европа“, „Бабички на револуцијата“, а има и повеќе остварувања каде што се појавува како продуцентка. Во креативната екипа се кинематограферот Бранд Ферро, како директор на фотографија, монтажерите Сашко Потер Мицевски и Сандра Басташиќ, композиторот на музиката Владимир Ракиќ, додека дизајнери на звук се Владимир Ракиќ и Вера Галешев. Продуцентка на филмот е Петра Селишкар со „Петра Пан филм“ (Словенија). Копродуценти се Сара Ферро од ППФП (Македонија) и Тамара Бабун од „Волфганг и Доли“ (Хрватска). Придружен продуцент е Виктор Еде од „Синефаж продукција“ (Франција).