Од 4-24 август визуелната уметница Пандора Апостолоска Саздовска и скулпторот Сашо Саздовски се поканети да бидат визитинг професори во државата Јемен. За време на летниот семестар, студентите на Јемен, на островот Сокотра, ќе имаат можност да следат настава од страна на интернационални професори од Италија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Индија, Бразил, Унгарија, Македонија, Америка и од Јемен по различни предмети, вклучувајќи цртање, сликарство, скулптура/инсталација, керамика и др. Пандора Апостолоска Саздовска е поканета за предавања по предметот Сликарство/инсталација, а Сашо Саздовски за предметот Скулптура. Предавањата ќе се фокусираат на екологијата, така што делата создадени од овие проекти ќе бидат изработувани од рециклирани материјали. Паралелно со предавањата на студентите ќе се одржуваат и работилници за деца од предучилишна и училишна возраст. Завршната изложба на студентите ќе биде реализирана на островот Сокотра во Јемен и во Центарот за современа уметност во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати.
Островот Сокотра е признаен како светско природно наследство од страна на УНЕСКО во јули 2008 година, бидејќи се одликува со најбогатa биоразновидност на Арапско Море, создавајќи единствена и спектакуларна ендемска флора и фауна ,единствена од таков вид во светот.
Пандора Апостолоска Саздовска во 2004 г. дипломира на Академијата за ликовни уметности, отсек сликарство со реставрација и конзервација. Нејзината уметничка практика е насочена кон меѓучовечките односи, истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Изложувала во Македонија, Индија, Латвија, Кина, Абу Даби, Фондацијата Азербејџан, Аман, Јордан, Обединетите Арапски Емирати…
Сашо Саздовски е скулптор и истражувач. Во 2000 г. дипломирал на Академијата за ликовни уметности, на Катедрата за скулптура и графички дизајн, а во 2002 година магистрирал на Катедрата за скулптура на Академијата за ликовни уметности во Скопје. Уметничката практика на Саздовски е научноистражувачка. Во своите истражувања тој е фокусиран на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот. Најзначаен сегмент во неговата креативна кариера е реализацијата на монументални скулптури во јавен простор. Сашо Саздовски досега има реализирано над 20 јавни скулптури во Аргентина, Саудиска Арабија, Оман, Катар, Азербејџан, Словенија ОАЕ, Турција, Косово, Босна, Србија, Црна Гора, Летонија, Русија, Италија, Австрија, Германија, Данска, Чешка, Португалија и Македонија. В.Д.