Меѓународниот аеродром „Хартсфилд-Џексон“ во Атланта, Џорџија, повторно е најпрометниот во светот. Американскиот аеродром ја загуби титулата за најфреквентен откако беше надминат од меѓународниот аеродром „Гуангжу Бајун“ во Кина по бројот на патници во 2020 година.

Сепак, податоците покажуваат дека Атланта повторно го има најфреквентниот аеродром во светот и дека титулата е вратена, што е показател и за закрепнување на воздушниот сообраќај, кој претрпи тежок удар поради пандемијата на ковид-19.
Американскиот аеродром примил 75,7 милиони патници во 2021 година, што е за 76 отсто повеќе од 2020 година, но сепак речиси 32 отсто помалку отколку во периодот пред пандемијата во 2019 година.

Кинескиот аеродром падна на осмото место во 2021 година со 40,3 милиони патници. Вториот кинески аеродром „Шуанглиу“ во градот Ченгду е деветти на листата за 2021 година, а во 2020 година беше трет.

Минатата година во првите 10 се најдоа осум од аеродромите во САД. Меѓународниот аеродром „Далас/Форт“ во Тексас е вториот најфреквентен во 2021 година со околу 62,5 милиони патници, а трет е аеродромот во Денвер, Колорадо, со 58,8 милиони патници. Аеродромот „О’Харе“ во Чикаго е во топ 5.
Статистиката покажува дека во 2021 година со авион патувале 4,5 милијарди луѓе, што е зголемување за 25 отсто во однос на 2020 година, но сепак е пад за повеќе од 50 отсто во однос на 2019 година.