Според Дејвид Крозби, Џони Мичел е најдобра жива пејачка и текстописка што ја познава светот. Ќе биде запаметена и по плодната соработка со музичките ѕвезди: Вили Нелсон, Били Ајдол, Том Пети, Питер Габриел и многу други

Бренд-концепти: музички икони (42)

Нејзиното вистинско име е Роберта Џоан Андерсон, но позната е како Џони Мичел. Родена е на 7 ноември 1943 година, во Форд Маклеод, Алберта, Канада. Од мајка си Мирт Маргаритот има шкотско и ирско потекло, а од татко си Андреј Андерсон влечe норвешки корени. Спаѓа во редот на најголемите светски имиња на поп, фолк и рок-музиката, како пејачка, кантавторка, пијанистка, гитаристка и сликарка. Во 1960-тите и 1970-тите години од минатиот век, нејзините вдахновени и инспиративни стихови, кои се органски сраснати со иновативните хармониски и мелодиски линии, ја поставија на највисокото ниво на музичкиот пиедестал. Од првиот албум „Song to a Seagull“, во 1968 година, кој го продуцираше нејзиниот партнер Дејвид Крозби, преку платинестиот „Ladies of the Canyon“, од 1970-та, и интимниот „Blue“, од 1971-та, кој се смета за еден од најдобрите албуми на сите времиња, па до џез-експериментите со великаните, како што се Џеко Пасториус, Чарлс Мингус и Херби Хенкок, и последниот „Shine“, кој го снимаше во 2007 година, Џони Мичел остана своја, независна, оригинална и неповторлива.

Која е Џони Мичел? Пејачка-текстописка на фолк, поп, рок и џез-песни, со социјални, политички и еколошки содржини, во кои провејуваат романтични чувства, испреплетени со радост, тага, збунетост и разочарување. Најпознат од нив, секако, е мегахитот „Вудсток“, еден вид химна за истоимениот фестивал од 1969 година. Но таа не е обична, туку химна што ѝ даде име на цела една генерација – вудсток-генерација. Повеќе релевантни хроничари на рок-музиката и фестивалот „Вудсток“ запишале дека младата музичка хероина во оваа песна всушност пее за вудсток-нацијата од тоа славно, бунтовно и храбро време. Оваа песна најпрво е снимена од легендарните „Крозби, Стил, Неш и Јанг“ и е издадена на нивниот албум „Deja Vu“. Подоцна е снимeна и од групата „Метјус Сотерн Комфорт“ (Matews Sothern Comfort) и станува голем хит, како во САД, така и во Европа.

Мичел ја снима својата сентиш, интимна верзија на песната за албумот „Ladies of the Canyon“. Со неа и со другите песни од албумот таа ја покажа својата авторска и изведувачка зрелост, благодарение на својата посебна способност во зборови и музика да ги преточи своите најсуптилни и најдлабоки чувства и размислувања. Во ова нѐ уверува и моќта на енергијата и вибрациите што произлегуваат од неа кога таа ја изведува „Вудсток“.

Од најраната младост таа најмногу се интересирала за ликовната уметност и нејзина главна преокупација било сликањето. Од него не се откажала ни кога станала голема музичка поп-ѕвезда, па, така, успеала сама да го прави дизајнот на насловните страници на своите музички албуми, за кои добивала добри критики. На 20-годишна возраст ѝ соопштува на мајка си дека сака да биде фолк-ѕвезда. Ја напушта западна Канада, каде што настапувала по ноќните барови, и оди на исток, кон Онтарио и Торонто. За да опстане, таму свирела и пеела на улица, заработувајќи за кирија. Во 1964 година останува бремена, а во февруари 1965 година раѓа ќерка, која мора да ја даде на посвојување, бидејќи била млада, самохрана мајка, немажена, а тоа е времето кога било незамисливо и неприфатливо да се роди вонбрачно дете. Несреќна заминува во САД, каде што се среќава со Чак Мичел, американски пејач од Мичиген, со кого стапува во брак, кој се распаѓа за нецела година.

Пресвртница во кариерата ѝ е средбата со Дејвид Крозби, со кого се среќава во некој бар на Флорида, каде што настапувала. Тој ја носи во кањонот Лорел во Лос Анџелес и ја запознава со тамошната музичка сцена. Почнува да издава албуми, од кои вади големи музички хитови, во 1975 година оди на турнеи на кои настапува заедно со Боб Дилан и Џоан Баез. Тоа е период кога ги создава големите хитови „Big yellow taxi“, „Cojote“ (посветен на писателот и актер Сем Шепард), „Jericho“, „Little Green“ (песна во која пее за тагата поради посвојувањето на нејзината вонбрачна ќерка), „River“ (снимена во повеќе од 500 верзии) и „A Case of You“ (една од најромантичните песни, посветена на Леонард Коен, поранешен нејзин партнер). Исто така, води бурен и развратен живот, со многу алкохол, дрога и љубовни врски и афери со Леонард Коен, Боб Дилан, Грахам Неш, Џејмс Тејлор, Џексон Браун и многу други.

Почнува да флертува со џез и џез-фјужн музиката и навлегува во експерименталниот период од својата музичка кариера. Во 1983 година, со слава на светска музичка ѕвезда, реализира голема светска турнеја во Јапонија, Австралија, Скандинавија, Ирска, Белгија, Италија и во Франција. Во ерата во која доминираа стереотипни машки ѕвезда, таа се претстави како повеќедимензионален уметник, прва жена во популарната музика препознаена како уметник во вистинска и целосна смисла на тој термин. За тоа е заслужен нејзиниот прекрасен глас, со распон од три октави, кој од моќен тенор допираше до кристален сопран. Секако, и текстовите на нејзините песни, кои кога ги слушаме, продираат длабоко во дамарите на нашите срца.

Во право е Дејвид Крозби кога вели дека таа е најдобра жива пејачка и текстописка што ја познава светот. Во тој контекст е нејзиниот посебен хармоничен стил на свирење гитара и импресивните клавирски аранжмани. Ќе биде запаметена по плодната соработка со музичките ѕвезди Вили Нелсон, Били Ајдол, Том Пети, Питер Габриел и многу други. Уметници како Принс, Бјорк, Ени Ленокс, Мадона, Роберт Плант и Синди Лопер, со гордост изјавуваа дека Мичел извршила големо влијание врз нив како музички изведувачи, а нејзините песни ги изведуваа многу пејачи, од кои најпознати се Елтон Џон, Винона Џад, Брајан Адамс, Синди Лопер, Џејмс Тејлор и Ричард Томпсон. Има освоено девет музички награди „греми“, од кои една е за животно дело, рангирана е на 9-то место на листата „100 најдобри поп-рок автори“ и на 42-то место на листата „100 најдобри пејачи“. Во 1997 година беше примена во Рокенрол-куќата на славните. Дефинитивно, Џони Мичел е повеќе од поп-ѕвезда и икона на 1970-тите години од минатиот век.

Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“. Заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите (во комбинирана техника и колаж) на музичките ѕвезди