Во текот на изминатата година, Маниша Бергер, 27-годишна девојка од Швајцарија, со своите два коња Тау и Јама и со кучето Аку, одејќи пеш помина низ неколку држави. Таа е дипломирана дресерка на коњи, а ги учи и децата да јаваат. Живее недалеку од Лозана и зборува четири странски јазици (англиски, германски, француски и италијански), па не ѝ беше тешко да комуницира со луѓето што ги сретнуваше за време на патувањето.
– Доаѓам од Лозана, всушност од едно место што е дваесетина километри оддалечено од овој бисер на Швајцарија. Кај нас дресурата на коњи е многу популарна. Иако во моето семејство никој не сака животни, јас уште кога бев малечка ги засакав коњите и сфатив дека тоа ќе биде мојот живот. Ветувањето што им го дадов на овие прекрасни суштества, а и себеси, дека еден ден со нив ќе ја прошетам Европа, еве, го остварив – им изјавила храбрата девојка на новинарите на српски „Блиц“, додека поминувала низ Србија.

Маниша почнала да патува низ Балканот лани во септември, а деновиве таа, жива и здрава, со своите животни, се врати дома, пречекана од сестра ѝ и од мајка ѝ. Вели дека се решила за посета на балканските земји, затоа што слушала за прекрасната природа и за гостољубивите луѓе, во што и самата се уверила.
– На 2 септември минатата година тргнав на пат пеш, без да ги јавам коњите. Не сакам тоа да го правам зашто овие раси се јаваат само на посебни полигони, рекреативни патеки и пространи ливади. Ја одредив првата маршрута кон балканските држави, бидејќи таму не сум била порано, а сум читала за убавата природа, гостољубивите луѓе и фактот дека во овие земји убаво се однесуваат спрема коњите – вели таа.
Од Швајцарија таа се упатила кон Италија, па била во Словенија, северна Хрватска, Истра, Лика и Далмација, продолжила за Босна и Херцеговина и стигнала во Србија. Спиела во шатор, а понекогаш и кај добри луѓе.
– Направив цел синџир од добри луѓе на ова патување што ги сакаат животните и сакаат да помогнат, без да добијат нешто за возврат – вели таа.
Маниша имала желба да ги посети и Црна Гора, Косово, Албанија и Македонија, но оваа маршрута ја остави за следниот пат. Се вратила преку Унгарија, Чешка и Австрија, во родната Швајцарија, по поминати 10.000 километри.