Култниот шведски бенд „АББА“ се подготвува да им приреди големо изненадување на своите обожаватели оваа недела, бидејќи тие трпеливо ја чекаат нивната нова музика цели 39 години.

Деновиве се појави нов твитер-профил „ABBA Voyage“, кој ги насочи обожавателите кон новата истоимена веб-страница каде што треба да го пријават, односно да го регистрираат својот интерес да бидат меѓу првите што ќе слушнат повеќе за новиот проект. Твитот посочува датум – 2 септември.
Според медиумите, тоа најверојатно се однесува на долготрајна холограмска турнеја, која бендот првично ја најави во 2016 година.

Исто така се очекува славната група да објави пет нови песни во текот на овој проект.
Квартетот – Агнета Фелтског, Ани-Фрид Лингстад, Бјорн Улвеус и Бени Андерсон – се врати во студио во 2018 година, ветувајќи нов музички материјал. Претставувањето на двете нови песни: „I Still Have Faith In You“ и „Don’t Shut Me Down“ беа одложени неколкупати, па бендот сега планира да објави пет песни за да им се заблагодари на обожавателите за трпението.

„АББА“ всушност е акроним од првите букви на нивните имиња. Тие станаа едни од најпознатите успешни изведувачи во историјата на поп-музиката, искачувајќи се на врвот на топ-листите во светот од 1972 до 1982 година. Групата досега продала околу 370 милиони плочи во светски рамки и сè уште се продаваат милиони годишно, што ги прави едни од најпродаваните музички уметници на сите времиња.