Принцезата Амалија, наследничката на холандскиот престол, се откажува од правата на годишен приход. Најстарата ќерка на кралот Вилијам-Александер, му напишала на премиерот Марк Руте дека сака да се откаже од 1,6 милион евра приход за лични и домашни трошоци, бидејќи доколку ги прифати ќе се чувствува непријатно.

Таа неодамна положи матура и во своето писмо наведува оти не сака да ги земе парите, сѐ додека нема соодветни кралски должности. Амалија додала дека по завршувањето на училиштето ќе паузира една година, а потоа ќе се запише на факултет.
– На 7 декември ќе наполнам 18 години и според законот ќе го добијам паричниот додаток. Сметам дека тоа би било непријатно, зашто не правам ништо посебно, додека на преостанатите студенти им е многу потешко, особено за време на пандемијата – напишала Амалија во писмото што јавно го објави Холандската национална телевизија НОС.

Таа додала дека годишно ќе враќа по 300.000 евра од приходот и оти нема да ги бара преостанатите 1,3 милион евра сѐ додека во улогата на принцеза нема големи трошоци. НОС наведува дека ова е првпат член на кралското семејство да одбива плата и надомест на трошоците.

Инаку, холандската монархија ја престигна Велика Британија како најскапа во Европа, според студија направена во 2012 година, објави „Гардијан“.

Владата на Холандија лани договорила кралски буџет од 47,5 милиони евра за 2021 година, без вклучување на трошоците за државни посети или одржување на платите, со тоа што кралот Вилијам-Александер добил плата од 998.000 евра и 5,1 милиони службени трошоци. Неговата сопруга Максима добила 1,1 милион евра, бившата кралица Бетрикс – 1,7 и Амалија 1,6 милион евра.

Под притисок на опозициските партии, премиерот Руте се согласил на ревизија на годишните трошоци, но ги предупредил „популистите“ за опасноста од таквата расправа.