Францускиот министер за култура Франк Ристер објави дека на глумците на француските филмски сетови повторно им е дозволено да се бакнуваат – ако се тестирани на коронавирус. Пандемиските рестрикции се одразија на голем број начини и на филмскиот свет. Но со нивното ублажување, животот се враќа во кината, но и на филмските сетови. Меѓутоа, поради коронавирусот се зборуваше и за конечен крај на љубовните сцени бидејќи многу глумци не сакаат да се изложуваат на ризикот бакнувајќи се со своите филмски партнери.

Се предвидуваше дури и дека филмската индустрија ќе се врати на невините обичаи од почетокот на 20 век и сосема ќе ги елиминира љубовните сцени. Тоа особено тешко им падна на Французите, самопрогласени изумители на страсниот француски бакнеж, без кој нивната филмска индустрија сигурно би страдала. Поради тоа, едвај ја дочекаа среќната вест на министерот за култура.
– Со бакнежот не е завршено! Љубовта не е мртва! – изјави Ристер на сеопшто одушевување, откривајќи дека глумците на француските филмски сетови повторно почнале да се бакнуваат.

Снимањата во Франција почнаа во почетокот на месецов, но со бакнежите сепак малку се почека. И сега може да се бакнуваат само глумците што се тестирани на коронавирус. За време на пандемијата, во Франција беа прекинати повеќе од 200 филмски снимања, а се проценува дека поради тоа има загуба од над 150 милиони евра.