Роберт Дауни Јуниор и Мет Дејмон ќе се појават во „Опенхајмер“, новиот филм на Кристофер Нолан, пишува „Вераети“.
Сѐ уште не е познато кого ќе го глумат Дауни Јуниор и Дејмон во филмот, а продуцентите најавуваат дека наскоро ќе разговараат за тоа. Претходно беше потврдено дека ирскиот актер Килијан Марфи ќе ја игра главната улога во „Опенхајмер“, како и дека Емили Блант потпишала да ја игра улогата на неговата сопруга Кетрин.
„Опенхајмер“ ја носи приказната за американскиот физичар чија улога во водењето на лабораторијата во Лос Аламос и учеството во проектот „Менхетн“ доведоа до тоа да биде наречен татко на атомската бомба.
Сценариото и режијата се на Нолан, додека во продукцијата ќе му се придружи Ема Томас. Филмот е заснован на книгата „Американски Прометеј: Триумфот и трагедијата на Џ. Роберт Опенхајмер“ од Каи Бирд и Мартин Џеј Шервин, која е добитник на Пулицерова награда.
Сè уште не е познато кога ќе започне снимањето, но Нолан потврди дека филмот ќе биде премиерно прикажан во јули 2023 година, термин што претходно се користеше за неговите филмови.