Пред 90 години, на ридот Корковадо над Рио де Жанеиро, Бразил, беше откриена статуата „Кристо Редентор“, односно „Исус Спасителот“. Тоа е секако најпознатата статуа на Исус Христос во светот, но не и највисоката.
Изградбата на статуата започна уште во 1922 година, според плановите на бразилскиот градежен инженер Хејтор да Силва Коста. Проблемите со финансирањето го одложија нејзиното завршување пред да биде откриена на 12 октомври 1931 година. Статуата во стилот арт деко е висока 30 метри, а тежи 1.145 тони. Во нејзината приближно осум метри висока основа се наоѓа и капела. Таа е заштитен знак на бразилскиот град и, секако, најпозната статуа на Исус Христос во светот. Иако има импозантна височина, сепак не е и највисока таква статуа во светот. Рекордот го држи статуата „Христос Кралот“ во Свибоџин, Полска, која е повисока од 50 метри, колку што е висок и кипот на Исус во Бунту Бураке, во Индонезија.
Има најави дека Бразилците градат уште една статуа на Исус на југот на земјата, која ќе биде повисока од онаа во Рио де Жанеиро. Изградбата почнала во 2019 година во Енкантадо, во сојузната држава Рио Гранде до Сул, а се предвидува работата да заврши до Нова година. Иницијатор за реализација на оваа идеја е градоначалникот Адроалдо Конзати, кој неодамна почина од последици на ковид-19. Споменикот на Исус Заштитникот ќе биде висок 43 метри, а дијаметарот на рацете ќе изнесува 36 метри. Во статуата ќе има внатрешен лифт и видиковец во близината на врвот.
Енкантадо е град со 22.000 жители и се наоѓа 150 километри северозападно од Порто Алегре, главниот град на сојузната држава. Автори на скулптурата се таткото и синот Генесио и Маркус Мура, а цената на проектот е околу 300.000 евра, која во целост се финансира од донации.