Голем број светски државници не се одзваа на поканата на ООН за присуство на самитот КОП 26, кој треба да се одржи за десетина дена во Глазгов, а на кој треба да се дискутира за горчливи прашања поврзани со идните чекори за превенција од климатските промени. Медиумите ги окарактеризираа овие состојби како недостиг од волја на светските политичари да се борат со еколошките предизвици што ѝ се закануваат на планетата

Ладен туш од државите за едно од посериозните прашања во ООН

Дали глобалното затоплување и климатските промени што предизвикуваат екстремни временски непогоди во светот се приоритет за светските лидери и државите или политичарите и шефовите на земјите само декларативно се залагаат во јавноста за климатската неутралност. Оваа дилема се наметна со сета своја жестина во голем број светски медиуми во пресрет на конференцијата за климатски промени на Обединетите нации КОП 26, која треба да се одржи во Глазгов, на 31 октомври.
Имено, како што пишува угледниот магазин „Гардијан“, ваквото сомневање околу посветеноста на лидерите за наоѓање глобално решение за климата доаѓа откако изминатиов период во пресрет на најважниот самит за климатски промени оваа деценија, повеќе лидери поканети на конференцијата не го потврдиле своето присуство, односно до последен момент наоѓаат оправдувања со кои одбиваат да учествуваат на собирот.
Па, така, во анализите на светските медиуми се наведува дека овие чекори на некои земји всушност претставуваат неодговорност кон глобалниот проблем, но и отсликување на нивните политики и ставови по ова прашање. Во тој контекст, Велика Британија, САД и ЕУ вложуваат огромни напори преку својата дипломатија за да ги донесат сите светски лидери на крајот од месецов на иста маса во Ирска.
Неизвесно присуството на Индија, Бразил, Кина, Русија…

Во меѓувреме, „Гардијан“ пишува дека кинескиот претседател Си Џинпинг не патувал надвор од неговата земја уште од јануари 2020 година поради коронавирусот, па сѐ уште не е јасно дали тој ќе присуствува на собирот како лидер на земја што има голем удел во борбата со климатските промени. Британскиот весник наведува дека, покрај Кина, до последен момент неизвесно е и присуството на лидерите од Индија, Индонезија, Саудиска Арабија, Бразил, Русија и Мексико, држави што досега не излегоа со нови ветувања за намалување на емисиите на стакленички гасови, кои се неопходни за успешен самит во Глазгов.
Проблемот околу посветеноста на светските лидери за глобалното затоплување предизвикано од климата се воочи дополнително откако минатиот месец потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, отпатува во Индија и Индонезија, за тој лично да ги убедува тамошните лидери да присуствуваат на КОП 26 во Глазгов.
– КОП 26 не е како потпишување на договорот од Париз. По конференцијата, нема да има потпис на договор ниту нешто слично такво. Надежта на собирот е да се издигне амбицијата на глобално ниво и да се врати довербата во процесот. Треба земјите како Кина со своето присуство да дадат позитивен импакт на остатокот на светот дека до 2060 година ќе имаме намалување на јагленот како енергент што загадува, а не да се избегнуваат собири каде што може да се соочат аргументите по оваа проблематика – вели Сем Гел, експерт за климатски промени од Лондонскиот истражувачки центар за глобално затоплување.

Зголемено светско производство на јаглен и нафта спротивно на заложбите

Џон Кери, специјалниот претставник за клима на САД, изминативе денови оствари средби со претставници на повеќе влијателни земји, за да се осигури дека на самитот КОП 26 ќе бидат присутни повеќе лидери. Како што пишуваат американските медиуми, САД доминираат во заложбите за намалување на штетните гасови во воздухот за да се продолжат напорите за одржување на растот на просечната температура на воздухот во глобални рамки до 1,5 Целзиусов степен.
Интересно е што паралелно на овие случувања, земјите во светот во моментов планираат повеќе од двојно да го зголемат производството на јаглен, нафта и гас, што не е во согласност со плановите за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 Целзиусов степен, соопштија Обединетите нации (ОН) во извештајот објавен завчера.
На десет дена пред самитот за климата во Глазгов, кој се смета за клучен за одржливоста на температурните цели од Парискиот договор, програмата на ОН за животна средина наведува дека плановите на земјите за производство на фосилни горива во оваа деценија се „опасно неконзистентни“ со потребното намалување на емисиите.