Голем пожар вечерва беснее над Штип, при што се зафатени ридски предели обраснати со трева и нискостеблеста вегетација. Огнените јазици се видливи од повеќе делови на градот, а на терен интервенираат екипи на Територијалната противпожарна единица со сите расположливи ресурси.
Според првичните информации, пожарот избувнал попладнево по удар од гром во реонот над викенд-населбите Плуждино и Новакова Чешма. Поради ветерот и сувата вегетација, огнот брзо се проширил кон ридовите над градските гробишта во Штип.
Во моментов нема информации за повредени лица, ниту за директна опасност по станбени објекти, но надлежните внимателно ја следат состојбата на терен.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, најави вонредна прес-конференција на која ќе информира за текот на активностите за гаснење на пожарот, како и за евентуалните ризици за населените места во околината.
Надлежните апелираат до граѓаните да не се движат во близина на зафатеното подрачје и да ги следат официјалните информации и препораки од институциите.

































