Рускиот државен регулатор за комуникации „Роскомнадзор“ ја предупреди компанијата „Волт Дизни Ко“ во петокот да не го прикажува и промовира краткиот филм „Надвор“ во нивната земја.
Причината е поради тоа што главниот лик во филмот е хомосексуалец, а во Русија е забрането да се прикажуваат содржини што се сметаат за штетни за децата.
„Роскомнадзор“ соопшти дека испратиле писмо до „Дизни“, во кое ја предупредуваат компанијата дека прикажувањето на цртаниот е против рускиот закон и дека не сакаат да ги изложуваат децата на содржина што „ги негира семејните вредности и промовира нетрадиционални сексуални односи“.
„Аут“, или „Надвор“, излезе во САД на каналот Дизни + во мај минатата година. Во продукција на „Дизни“ и „Пиксар“, „Аут“ е седмиот филм од серијата „Спарк Шортс“ и прв краток филм на двете компании каде што се појавува хомосексуалец.
Во Русија, истополовите врски се легални, но законот од 2013 година забранува „ширење пропаганда за нетрадиционални сексуални односи“ кај помладата популација. Организациите за човекови права го осудија законот, велејќи дека тој придонел за зајакнување на негативниот социјален став кон хомосексуалноста.