Архитектонското студио на „Соу Фуџимото“ го претстави дизајнот на облакодерот „Торч тауер“ (неговиот изглед ќе личи на факел) кој ќе биде највисоката зграда во Токио. Изградбата, според плановите, треба да биде завршена до 2028 година.

Облакодерот ќе има круна на врвот. Тој ќе биде висок 390 метри и според проектот на врвот ќе има и голем јавен плоштад со зеленило, како и простор од каде што ќе може да се набљудува градот, објави „Дезин“.

Архитектонското студио „Соу Фуџимото“ во соработка со „Митсубиши Џишо Секеи“ се дел од проектот кој во моментов го развива „Митсубиш Естејт компани“ на локација што се шири северно од станицата во Токио.

Со концептот на „градење на среќа и здравје што го поврзува градот со иднината“ според Фуџимото, основачот на студиото „Соу Фуџимото“ целта е кулата да стане „место за луѓе, а не за предмети“. Облакодерот ќе има 67 ката, од кои 63 во височина и четири подземни. Предвидено е јавниот плоштад да биде на височина од 300 метри.

Покрај плоштадот, „Торч тауер“ би требало да содржи канцеларии, хотел, комерцијални и места за малопродажба и директни врски до блиската станица во Токио. Тоа ќе биде втора висококатница на истата локација, по завршување на кулата „Токивабаши“ во 2021 година.

Архитектонското студио „Соу Фуџимото“ е основано во Токио во 2000 година, од јапонскиот архитект Соу Фуџимото чие име го носи. Студиото има и свое претставништво во Париз.