Фото: Игор Бансколиев

СДСМ порачува

Социјалдемократскиот сојуз појасни дека новиот комбиниран модел на попишување во еден дел го вклучува и електронскиот попис, со што ќе се добијат прецизни и релевантни податоци важни за идниот развој на државата.

За новата методологија, од СДСМ образложија дека електронскиот попис заедно со теренското попишување ќе обезбеди заокружен процес и целосна успешност на пописот.

– Со вкрстување на податоците што ќе се добиваат од електронските прашалници на терен со податоците од базите коишто веќе постојат во државата, ќе се добие целосен преглед за податоците кои се неопходни, но, не се опфатени со електронските бази. Преку овој комбиниран модел кој е познат во светската пракса ќе спроведеме попис согласно препораките на ОН и Евростат – велат од СДСМ.

Наспроти барањето на ВМРО-ДПМНЕ за спроведување само на електронски попис, Социјалдемократите сметаат дека тоа не би било доволно за да се добијат комплетни податоци бидејќи одреден дел од податоците од електронските бази не ја даваат комплетната и прецизна слика.

– Само со електронски попис не можат да се добијат сите потребни податоци за нерезидентните граѓани, односно граѓаните кои се во странство повеќе од една година, а ниту една база на податоци не ја дава комплетната слика за видот, стандардите и бројот на живеалиштата на нашите граѓани. За креирање на издржани, долгорочни политики и стратегии потребни се сите релевантни и прецизни податоци што ќе се добијат од пописот и затоа тој мора да биде и ќе биде спроведен согласно сите стандарди – наведе СДСМ.