Фото: Маја Јаневска-Илиева

Концертот во Филхармонија, посветен на лидерот на групата „Квин“, Фреди Меркјури, легендарниот рок-пејач, композитор и текстописец, по сите перипетии, одложување и доцнење поради дојава за лажна бомба, завчеравечер предизвика вистинска бомба од одлична музика, емоции и сеќавања на еден од најдобрите и најхаризматични музичари на денешнината, кој почина точно пред 30 години, на 24 ноември.
Всушност, иницијатор и автор на оваа вечер за паметење е младиот и талентиран пијанист Бобан Мирковски, кој растел со песните на „Квин“, култната група што му била и сѐ уште му е омилена на неговиот татко, познатиот македонски инструменталист, композитор и диригент Љупчо Мирковски. Слушајќи ги песните на „Кралицата“, кои се вистински ремек-дела и денес, Бобан до детали ги анализирал и како што растел и созревал, добил идеја да направи рецитал со оваа музика, која случајно или не ја доживеа својата реализација токму сега кога се одбележува 30-годишнината од неговото физичко заминување.
Аранжманите се дело на Бобан, а за реализација на неговиот сон се заслужни „Баги комуникации“, кои организираа музички настан каков што долго немало кај нас.
Ади Имери, близок роднина и другар од детството на Бобан, извонреден гитарист со одлични вокални способности, кој исто така е заразен со љубов кон музиката на „Квин“ од мали нoзе, многу придонесе овој сон на Бобан да стане стварност. Секако, заслуга имаат и сите што беа дел од концертот, музичарите, пејачите, а во финалето и публиката, која им даде целосна поддршка на учесниците.

 

Пријатно изненадување за публиката беше младата Мартина Бараковска, која во неколку песни одлично се снајде зад тапаните, а секако извонредни беа и Никола Автовски, Ставре Ставрев, Љупчо Соколовски, Сашо Татарчевски, хорот „Про арс“, младите музичари Јан Стефановски и Иван Кукиќ, кои го придружуваа Влатко Стефановски, кој беше специјален гостин на вечерта. И тој, како и сите учесници, уживаше во концертот за кој уште долго ќе се прераскажува. А песните на „Квин“ звучеа светски во изведба на извонредните Ирена Димовска од групата „Памперс“, Дани Димитровска, Биба Додева, Андријана Јаневска и ветеранот Мики Јовановски-Џафер.

Мразот го скрши Дани со песната „Friends will be friends“, чиј моќен глас и одлична интерпретација веднаш допреа до публиката, која цело време бурно ракоплескаше во тактот на песните, а нѐ потсети и на настапот на „Квин“ на „Лајв ејдот“, кој се одржа пред 31 година во Лондон, и повеќе светски метрополи, како помош на гладните деца во светот, кога Фреди си поигруваше со 80.000 публика. Токму овој е прогласен за најдобар жив настап на сите времиња. Ади Имери мошне сугестивно ја отпеа „Love of my life“, како и „You kind of love“, а Биба Додева приреди вистински земјотрес со „Under presseure“. Таа во свој стил се пошегува велејќи дека „кога рекле оти има поставено бомба во зградата, таа си помислила демек мислат на неа“, а и Мики Јовановски-Џафер порача дека во салата постар од него е само Фреди. Секако тоа не беше пречка на свој начин да ја испее легендарната песна „I want to be free“ и да порача дека уште има што да каже на сцената. Андријана Јаневска во придружба на хорот „Про арс“ со многу емоции и завидна техника ја испеа, според многумина најдобрата песна на Фреди, „Bohemian rhapsody“…И се редеа вонвременските хитови, кои се врежани во меморијата на многу генерации.

Еден од најемотивните моменти на концерт беше кога во замрачената сала прозвучи пијаното на Бобан Мирковски и се разлеа божествениот глас на Фреди, кој опфаќа четири октави, во песната „Time you waist for no one“ и уште еднаш се уверивме зошто сѐ уште е на врвот.
Песните на култниот бенд повторно прозвучеа со сиот свој сјај на сцената на Филхармонијата, а Бобан Мирковски својата почит кон Фреди ја покажа кога на крајот се појави облечен како него во бели панталони со ширити и јакна во неговата омилена жолта боја. И да, шоуто мора да продолжи, но сигурно уште многу деца како некогаш Бобан и Ади ќе растат со песните што ги овековечи Фреди Меркјури и се врежани во колективната меморија на милиони луѓе во светот.