Според извршниот директор на фармацевстската компанија

Луѓето веројатно ќе мора да се вакцинираат против ковид-19 еднаш годишно, уште многу години, изјави шефот на „Фајзер“ Алберт Бурла за „Би-би-си“. Тој смета оти ќе биде неопходно да се одржи многу високо ниво на заштита.

– За оние кои само се исплашени, единствената емоција на луѓето посилна од стравот е љубовта. Па јас го користам овој аргумент дека одлуката за примање на уште една вакцина нема да влијае само врз вашето зравје, туку ќе влијае и врз здравјето на другите, особено на луѓето кои ги сакате најмногу, бидејќи тие поминуваат најмногу време со вас. Соберете храброст да го надминете стравот и направете го вистинското нешто – вели Бурла.

Обединетото Кралство обезбеди дополнителни 114 милиони дози вакцини „Фајзер“ и „Модерна“ кои ќе бидат испорачани во следните две години. Пред една година Велика Британија беше првата земја што ја одобри вакцината на „Фајзер“.

Главниот извршен директор на „Фајзер“ разговараше со „Би-би-си“ пред да биде објавено дека британската владата има потпишано договори за купување дополнителни 54 милиони дози од „Фајзер“ и 60 милиони дози од „Модерна“ за 2022 и 2023 година.

Бурла рече дека „Фајзер“ веќе има надградени вакцини како одговор на бета и делта-варијантите. Компанијата сега работи и на вакцини кои би биле ефикасни против омикрон, а според Бурла, се очекува да бидат готови за 100 дена.

Неколку глобални здравствени добротворни организации веруваат дека парите што „Фајзер“, „Бионтек“ и „Модерна“ ги заработуваат од пандемијата се неморални. „Фајзер“ оваа година ќе генерира најмалку 35 милијарди долари од продажбата на вакцини, а цената на неговите акции скокна. Бурла смета дека е важно што се спасени милиони животи.

– На светската економија ѝ спасивме трилиони долари. Тоа е најсилната инцијатива за иновација за следната пандемија. Луѓето ќе видат дека ако вложат напор да придонесат за спасување на животи и за заштеда на пари, ќе има и финасиска награда – посочува Бурла.

„Фајзер“, исто така, најавува дека во рок од еден или два месеца ќе објави нова формула за вакцина која може да се чува три месеци во фрижидер, за која Бурла рече дека ќе направи огромна разлика за африканските земји.