Марија Светиева

Колку глобалната пандемија на коронавирусот влијае на креативноста на писателите, уметниците, музичарите, односно на сите оние што, иако се најпогодени од глобалните случувања, сепак, најдоа сили со своите дела да му се спротивстават на ограничувачкиот фактор?

Дијана Петкова

Дијана Петкова, поетеса, есеноска во екот на пандемијата во галеријата „КоРа“ во Скопје го промовираше својот литературно-ликовен проект „Момент во денот“, кој го подготвуваше 365 дена.
– Од една страна е тажно што требаше да се случи вакво нешто за многумина да се присетат на потиснатата желба за сликање, пишување, танцување, свирење на некој инструмент, а од друга страна е добро што истите тие што немаа време за своите заборавени желби најдоа време да ги остварат своите неостварени сни. Секое насочување на мислата кон каква било активност е полезно и придонесува за надминување на стравот и свесно справување со новонастанатата ситуација. Уметноста, секако, е едно такво прибежиште за душата – вели Дијана Петкова.
Ликовната уметница Марија Светиева беше многу активна периодов.
– Корона-кризата во социјален аспект драстично ми го промени животот. Но на креативен план не се смени ништо, зашто повлекувањето во осаменост и тишина е полезно за творење. Умот е пожив и покреативен, а домашната релаксација не влијае на активноста, туку напротив. Учествував на многу изложби, во Италија, Шпанија, Јапонија и, секако, во Скопје. И на крајот годината ми се круниса со наградата „Константин Мазев“ за графика на Мал формат во КИЦ – вели Светиева.

И Ѓорѓи Калајџиев, водител, поет и текстописец, вели дека 2020 година треба долго да ја паметиме за да ни биде потсетник дека животот не секогаш зависи од нас.

Ѓорѓи Калајџиев

– Имав среќа цели три месеци да бидам вклучен (како поет и водител) во една меѓународна онлајн поетска манифестација. Паралелно со тоа, бев застапуван со свои песни во книжевни списанија во Бугарија, Црна Гора, Полска и во Италија, а работев и на двете мои книги, едната е поетска, а во другата, низ духовити текстови се обидувам да го спасам од заборав минатото на мојата родна Струмица. Во поглед на водителството, останав пократок за триесетина договорени ангажмани. Нештата станаа нормални откако телевизијата во која работам безмалку три децении се пресели во нови простории, но домашната креативност и понатаму ја негував непречено – вели Калајџиев.

Андријана Јаневска

Андријана Јаневска, наша позната пејачка, инструменталистка и авторка, оваа година, покрај другите ангажмани, беше дел и од еден голем светски проект.
– За жал, коронавирусот ни ја одзема слободата, немаме концерти, настапи, претстави. Јас се обидов максимално да го искористам времето во карантин, творев, аранжирав, снимав. Имав можност да соработувам со многу странски продуценти, а и учествував во два светски проекта: Светскиот оркестар и проектот за Гинис каде што гордо ја претставував Македонија. На 26 декември ја промовирав и песната „Летај“, која им ја посветив на мојата покојна мајка и на сите оние што физички не се повеќе помеѓу нас – вели Јаневска.

Душко Георгиевски, пејач на народна музика, исто така изминатиот период беше дел од повеќе културни настани.
– И покрај сите тешкотии, ограничувања, стравови и очекувања, во голема мера останав доследен на очекувањата на мојата публика. Најпрво, во јули, во „Сули-ан“ настапив на концертот – проектот наречен „Скопје во три бои“. Нешто подоцна, на манифестацијата „Илинденски денови“ одржавме концерт во Битола во музејот на Кемал Ататурк. Имав гостувања во многубројни ТВ и радиоемисии со што ја одржав мојата комуникација со публиката. Се надевам дека за кратко време ќе можеме многу повеќе да се дружиме со публиката преку медиумите, а и со повеќе живи настапи – вели Георгиевски.

Душко Георгиевски

Виктор Апостоловски, пак, периодов секојдневно го гледаме на малите екрани, како главен протагонист на новогодишната реклама на „Телеком“, каде што го изведува познатиот светски хит „Happy Together“.

Виктор Апостоловски

– Оваа криза едноставно нѐ натера да бидеме покреативни. Јас конечно почнав со реновирање и средување на моето студио. Снимив цел албум, за што претходно поради сите други обврски би ми биле потребни години да го завршам. Имам време да ги усовршам и другите работи како фотографијата и видеото. Добро се подготвив за „Макфест“, каде што ја добив наградата за најдобар сценски настап. Потоа еден преубав проект – рекламата за „Телеком“, која пред неколку дена ја помина границата од 1 милион прегледи на Јутјуб. Останува да се надеваме дека 2021 ќе биде подобра и ќе успееме да ги оствариме сите планови од 2020-та – посакува Апостоловски.