Престижниот американски магазин за патувања „Конде наст травелер“ неодамна објави список со 10-те најпосакувани европски дестинации за 2021 година. Прочитајте кои земји, градови и места беа на списокот

10. Азорските Острови – Португалскиот архипелаг и истоимениот автономен регион се наоѓаат во Северен Атлантик. Овие вулкански острови еруптирале на морското дно и се издигнале над немилосрдните бранови на Атлантикот.
9. Дубровник, Хрватска – Претставен е како популарна дестинација за љубителите на серијата „Игра на тронови“, но и како град познат по својата близина со прекрасните елафитски острови Колошеп, Шипан и Лопуд.
8. Скане, Шведска – Најјужната шведска провинција ретко го добива заслуженото внимание. Но вреди да се истражи Скане бидејќи нуди сè, од шармантни градови до прекрасни езера. Најпознат град во оваа провинција е Малме.
7. Саленто, Италија – Саленто е полуостров и провинција на југ од италијанската „чизма“, па затоа често се опишува како нејзина „петица“. Главниот град е Лече, украсен во барокен стил, а содржи многу барокни споменици на културата и дела од античка и средновековна архитектура.
6. Темишвар, Романија – Овој романски град уште го нарекуваат и мала Виена, благодарение на неговите згради и кружниот центар на градот. Иако не е толку рафиниран како Виена, но токму во тоа е и убавината.
5. Хања, Крит – „Конде наст травелер“ ја опишува Хања како прекрасен град, додавајќи дека нејзината главна ѕвезда е гастрономијата. Од едноставни шармантни кафулиња покрај крајбрежјето до фини ресторани за јадење, овој град на северозападниот брег на грчкиот остров Крит има брзорастечка гастросцена.
4. Хелсинки, Финска – Освен прекрасната архитектура и рестораните лоцирани покрај брегот на Финскиот Залив, главниот град на Финска изобилува со музеи, галерии и концертни сали, па затоа е навистина вистински светски град на културата што секој љубител на културата треба да го посети барем еднаш во животот.
3. Ел Хиеро, Канарски Острови – Канарските Острови со своите прекрасни плажи и пејзажи што го одземаат здивот ќе бидат голем хит следната година. Сепак, наместо возбудливите Гран Канарија и туристичкиот Тенерифе, се препорачува Ел Хиеро, најзападниот и најмал остров на архипелагот.
2. Мелидес, Португалија – Со чисти песочни плажи и мали селски плоштади, ова село на португалскиот брег сѐ повеќе е атрактивно за туристите. Тука нема хотелски бутици и трендовски уметнички галерии. Наместо тоа, ќе најдете напуштени плажи и милји лозја и полиња со ориз.
1. Словенија – „Конде наст травелер“ ја смести Словенија на самиот врв на најпосакуваните дестинации за 2021 година. Тие ги споменуваат нивните реки, езера и планински врвови прекриени со снег, кои оставаат без здив, како и езерото Блед како најпозната природна атракција и пишуваат дека е помирно од кое било друго европско езеро.