Две реномирани студија од различни области на дизајнот создадоа нова платформа, со поинаков концепт на функционирање вметнат во минималистички ентериер, со акценти во силна живописна розова боја.
Архитектонското студио „Коннтра“ и моднaта дизајнерка Евгенија Зафировска остварија нов простор за креативци. Станува збор за локален „активатор“ за занаетчии, скулптори, дизајнери или секој што чувствува потреба да се придружи и да ги сподели своите концепти и ставови во областа на дизајнот, архитектурата и занаетчиството.
Со последните трендови модата и архитектурата трпат промени, реагираат, се приспособуваат и ја докажуваат својата флексибилност. Па оттука се наметна приказната за основањето на платформата „Мала“.
За почеток е прикажана колекцијата „Д бегининг“ на Зафировска, а истовремено се изложени и дел од графиките преку кои се презентирани проектите на „Коннтра“, архитектонското студио што во изминатите неколку години постигна одлични резултати на низа натпревари од областа на архитектурата и дизајнот.
Во креативна платформа „Мала“ првпат во Македонија можете да видите и да пробате елек изработен од пинатекс, иновативен природен текстил направен од влакна од листови од ананас. Ова е нуспроизвод на постојното земјоделство, а неговата употреба создава дополнителен прилив на приходи за земјоделските заедници, кои инаку се потпираат на сезонска жетва. Пинатекс е развиен како одржлива алтернатива и за масовно произведената кожа и за загадувачките синтетички материјали, нудејќи подобар избор за подобра иднина.
– Филозофијата на брендот на Евгенија Зафировска е да понуди подлабоко задоволство од производот со квалитетен дизајн, добро вклопување и одржлив процес. Бренд за кој одржливоста во модата е приоритет. Резултатите се уникатни, безвременски парчиња што целосно можат да се носат. Процес во кој се потврдува дека новата ера на луксуз значи да се биде општествено и еколошки одговорен – информираат иницијаторите на „Мала“.