По речиси триесет години, НАСА најави дека повторно ќе ја посети Венера. Американската вселенска агенција планира две мисии, наречени „Давинчи плус“ и „Веритас“, кои ќе бидат лансирани во 2028 и во 2030 година, пренесуваат светските медиуми.

Мисиите беа избрани врз основа на нивната потенцијална научна вредност и нивната изводливост. Последната сонда која ја посети Венера беше „Магелан“, во 1990 година, но оттогаш ја посетија и вселенски летала од Европа и од Јапонија.

– Мисиите ќе ни понудат шанса да ја испитаме планета на која не сме биле повеќе од 30 години, а имаат за цел да проучат како Венера станала „пеколна планета“, способна да стопи олово на површината – изјави Бил Нелсон, администраторот на НАСА.

Мисијата „Давинчи плус“ има за цел да истражи како се формирала и еволуирала атмосферата на планетата, како и дали некогаш таа имала океан. Мисијата „Веритас“
ќе ја мапира нејзината површина за да се разбере геолошка историја и да истражи како Венера се развила поинаку од Земјата, како и да утврди дали сѐ уште има активни земјотреси и вулкани.

– Зачудувачки е колку малку знаеме за Венера. Комбинираните резултати од овие мисии ќе ни дадат податоци за Венера, почнувајќи од облаците, преку вулканите на нејзината површина па сè до нејзиното јадро. Ќе биде како да ја запознаваме Венера за првпат – објаснува Том Вагнер од Одделот за планетарни науки на НАСА.