Фото: Игор Бансколиев

Австриската агенција АПА објави информација дека Советот на Европската Унија го чува „под клуч“ спорниот документ во кој се предлага промена на границите на Западен Балкан, со образложение дека тоа може да ги загрози меѓународните односи

Генералниот секретаријат на Советот на Европската Унија го чува „под клуч“ документот, односно спорниот нонпејпер во кој се предлага промена на границите на Западен Балкан, со образложение дека тоа може да ги загрози меѓународните односи, тврди австриската агенција АПА. Дали со ваквата тајност ЕУ го потврдува постоењето на документот и дали прекројувањето на границите на Балканот може да биде опција и покрај тоа што сите исфрлаат таква можност? Дали и најавата за федерализација во Македонија оди во таа насока?
Враќањето на темата за менување на границите на Балканот се случува во период кога меѓународната заедница ја раздвижува својата дипломатија во насока на забрзување на процесот на решавање на отвореното политичко и безбедносно прашање во регионот, а кое се однесува на спорот меѓу Србија и Косово. Токму оваа недела, главните претставници на ЕУ и на САД, Мирослав Лајчак и Метју Палмер, активно се вклучени во подготвувањето на теренот за обновување на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Двајцата западни дипломати, по завчерашната посета на Приштина, отворено порачаа дека е неопходно постигнување договор, што ќе значи и меѓусебно признавање на двете земји. Што подразбира тоа решение е неизвесно, но индикативно е тоа што некои медиуми ја пренесоа изјавата на косовскиот премиер Албин Курти, дека е „против какво било формирање моноетнички заедници во Косово“. Како што е познато, Србија, во последните напори на ЕУ и на САД за постигнување конечен и сеопфатен договор, формирањето на заедницата на српските општини, го постави како главен предуслов за продолжување на разговорите со Косово, што треба да се случат во Брисел во средината на овој месец.

Во слична насока беше и изјавата на претседателот на српското собрание, Ивица Дачиќ, кој се наоѓа во работна посета на Русија и кој го повтори ставот дека „Србија не прифаќа наметнати и еднострани решенија“.
– Србија е конструктивна во дијалогот со Приштина со посредство на ЕУ и сака компромис што ќе донесе мир и стабилност на долг рок. Тие ни велат – откажете се од Косово и Метохија и патот кон ЕУ е отворен за вас. Тоа не го кажуваат партнерите еден на друг. Ние сакаме да влеземе во Унијата, работиме напорно на тоа и таа цел не ја менуваме, но ние не прифаќаме на тој пат пред нас да бидат поставени пречки што никогаш претходно не биле поставени пред никого, ниту пак може да се очекува такво нешто како признавање на незаконското отцепување од која било суверена држава – рече Дачиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера по средбата со српскиот член на тричленото претседателство на Босна и Херцеговина, Мирослав Додик, јасно порача дека нема да прави никакви отстапки на средбата со косовскиот премиер.
– Ако тој мисли дека нема да разговара за ЗСО и дека ќе разговараме за Република Косово како за нешто што го прифаќаме и признаваме, не мора да доаѓа и не мора и мене да ме викаат – изјави Вучиќ,
Агенцијата АПА потсетува на „неформалната промоција“ на оваа идеја пред неколку недели кога словенечкиот премиер Јанез Јанша, чија земја е следен претседавач со ЕУ, предложи, нова карта за границите на Балканот. Според словенечките медиуми, овој непотпишан документ со предлози за нови граници во поранешна Југославија, Јанша, заобиколувајќи го официјалниот пат, му го предал на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел. Оваа информација никогаш не беше потврдена од институциите на ЕУ, а Јанша негираше дека словенечката влада имала врска со тој документ.

Словенија ќе го преземе претседателството со ЕУ на 1 јули и најави дека сака да посвети посебно внимание на приближувањето на Западен Балкан кон Унијата.
– По детална проверка, мора да ве известам дека не можеме да ви овозможиме пристап до тој документ – одговори Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ на истрагата на АПА.
Објаснето е дека објавувањето на единствениот документ што го има оваа институција на ЕУ ќе ги загрози меѓународните односи.
Објавувањето на „словенечкиот“ нонпејпер предизвика остри реакции во Босна и Херцеговина, а бошњачките и хрватските политички претставници предупредија на опасноста од ново прекројување на земјата, а особено на воениот ризик со одвојување на српските енклави и ентитет. Политичките аналитичари предупредија и на отворање нови кризни жаришта на Балканот и поттикнување на идеите за формирање големоетнички држави. Можеби не случајно и неделава се „реафирмирани“ барањата за формирање на Илирида, што подразбира реорганизирање на државата како конфедерација на Македонците и Албанците. Минатата недела во Тетово се одржа трибината „Република Илирида – фундаментално решение за функционирање на еднаквоста во РCM“. Од неа претседателот на движењето Илирида, Неџат Беџети, како што јавуваат медиумите, побарал да се сменат положбата и статусот на Албанците бидејќи, како што рекол, со меѓународните норми и документи им следувало да имаат автономно управување, а Албанците да имаат република Илирида.

Универзитетската професорка по уставно право Тања Каракамишева, во разговор за Алфа, изјави дека „во Уставот на Македонија не се предвидени никакви автономни области и не е предвидена никаква друга форма на територијална и политичка организираност на државата, освен локалната самоуправа“. Барање за федерализација на државава е противуставно, смета универзитетската професорка, и побара од министерот Оливер Спасовски и Обвинителството да реагираат, по повторното будење на идејата за република Илирида внатре во Македонија.