Британската музичарка Адел ја објави најавата за спотот за песната „Easy On Me“ што ќе биде објавен на 15 октомври. Црно-белиот спот ја прикажува Адел како седнува во автомобил и става касета, а потоа почнува да вози низ улицата.
Веста за новата песна ги израдува нејзините многубројни обожаватели, особено поради тоа што славната пејачка последниот носач на звук го објави пред шест години.
Тогаш „25“ ја доби наградата „греми“ за најдобар албум. Адел досега на секој свој албум му даваше име според годините што ги имала кога почнало неговото снимање („19“, „21“ и „25“). Во изминатиов период рекламни паноа на кои беше напишан бројот „30“ се појавија истовремено во Лондон, Париз, Њујорк и во Рим. Токму поради тоа, обожавателите на Адел претпоставуваа дека наскоро ќе се појави нејзиниот нов албум. И деновиве Адел најпосле ги потврди гласините, бидејќи на своите профили на социјалните мрежи објави фотографија што одговара на бројот 30.
– Триесеттите тешко ми паднаа и се трудам да ги пребродам. Мојот живот во последните неколку години драстично се промени, но тоа е сосема во ред – напиша таа во 2019 година, кога го прослави својот 31. роденден.