Актерот Мајкл Џеj Фокс по 30 години повторно се најде во улогата на Марти Мекфлај од филмот „Враќање на иднината 3“,  за потребите на снимањето спотот на рап ѕвездата Лил Наз Екс за неговиот нов сингл „Holiday“. Во спотот Наз пристигнува на Дивиот Запад, додека Дедо Мраз го исфрлуваат од бар, објави Би-би-си.

Откако ја зема капата на Дедо Мраз, Наз сфаќа дека тој е избран да го замени и дека мора да патува во иднината. Додека заминува јавајќи на ирвасите, Фокс вика по него: „Наз, што и да правиш, не оди во 2020 година!“.

Ова е првпат Фокс да ја игра најпознатата улога во неговата кариера од филмот „Враќање во иднината 3“ од 1990 година, иако претходно го позајми гласот за видеоиграта „Лего Димензии“ од 2015 година.

Во видеоспотот Фокс го носи истиот каубојски костум како и во третото продолжение на „Враќање во иднината“, во кое како тинејџер пристигнува во мал град на Дивиот Запад.

Музичкото ќе се појави само една недела откако 59-годишниот Фокс објави дека можеби ќе мора да се повлече од актерскиот свет. Во интервју за списанието „Пипл“, Фокс рекол дека краткорочната меморија му е лоша поради Паркинсоновата болест која му беше дијагностицирана во 1991 година.

–  Јас секогаш имав дарба за меморирање на текстот. Во тоа време имав неколку екстремни ситуации на последните неколку работни места, кога имав улоги со многу дијалог. Се борев – со нив рекол Фокс.

Тој додава дека „глумата му станува сè потешка“ и дека пишувањето сега е негова главна креативна професија.

Фокс беше една од најголемите sвезди во осумдесеттите години, благодарение на неговите улоги во „Враќање кон иднината“ и  во телевизиската серијата „Семејни врски“. За време на снимањето на комедијата „Док Холивуд“ во 1991 година, забележал дека рацете му трепереле, а наскоро му била дијагностицирана Паркинсоновата болест.

Откако јавно објави дека ја има оваа болест во 1998 година, Фокс продолжи да глуми, меѓу другото, и во серијата „Сите луѓе на градоначалникот“, а исто така се појави и во споредна улога во „Бостонски правници“ и „Добрата сопруга“.

Тој ја опишал борбата против прогресивната болест во биографијата наречена „Среќен човек“ од 2002 година, во која открива дека по дијагнозата започнал да пие, што речиси му го уништило бракот. Тој ги опишал симптомите како што се „вкочанетост, треперење, недостаток на рамнотежа“ и „намалена контрола на движењето“. Во последниве години, тој исто така имаше проблеми со говорот, па започна да вежба техника за брзо зборување за да го подобри изговорот.

Лил Наз Екс, кој минатата година стана познат прекуноќ со песната „Old Town Road“, ќе го издаде новиот сингл „Holiday“ в петок. Сè уште не е познато дали Фокс ќе игра поголема улога во спотот за новиот сингл на раперот.

Фокс претходно настапи како Марти Мекфлај во 2016 година, како подарок за Мојсеј, синот на пејачот на групата Колдплеј Крис Мартин, чиј омилен филм е „Враќање кон иднината“. Во 2016 година, Фокс настапи на сцената со бендот Колдплеј во Њу Џерси и ја отсвири песната „Johnny B. Goode“, која неговиот лик ја пее во познатата сцена на филмот „Враќање во иднината“.