Филипче: Нема полициски час, овие мерки се доволни

Засега нема потреба од воведување полициски час, рестриктивните мерки што се досега донесени се доволни, а ако се почитуваат, ќе дадат резултат во следниот период, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките, особено забраната за групирање на јавен простор, која со вчерашната одлука на Владата е продолжена во текот на целиот ден, наместо како досега од 21 часот.
Филипче истакна дека особено загрижува групирањето на младите во парковите забележано изминатиот викенд.
– Целта на целосната забрана за групирање е токму да се спречи собирањето во парковите по 21 часот, кога затвораат кафулињата и другите угостителски објекти, што носи ризик за ширење на ковид-19 – рече тој.


Вакцината на „Фајзер“ има ефикасност од над 90 отсто, кај нас во јануари или
февруари

Фармацевтскиот гигант „Фајзер“ објави дека неговата експериментална вакцина има ефикасност од над 90 проценти во спречувањето на ковид-19, врз основа на првичните податоци од голема студија, што претставува голема победа во борбата против пандемијата.
Големиот процент на оние што се заштитени ги прави наодите убедливи. Регулаторите рекоа дека ќе одобрат вакцина што е ефикасна само 50 проценти – заштитувајќи половина од оние што ја примаат. Во компанијата велат дека немало сериозни несакани ефекти.
– Денеска е одличен ден за науката и човештвото. Првиот сет резултати од нашето испитување на вакцината против ковид-19, трета фаза, дава првични докази за можноста на нашата вакцина да спречи ковид-19 – рече Алберт Бурла, претседател и извршен директор на „Фајзер“.
Повеќе од 43.000 луѓе учествувале во испитувањето во третата фаза.
– Очекувањата се дека во јануари или февруари ќе ја имаме вакцината против ковид-19, во согласност со сегашната динамика на одвивање на работите – изјави министерот за здравство Венко Филипче.
И втората компанија по „Астра Зенека“, компанијата „Фајзер“, посочи министерот, аплицираше да добие дозвола за употреба во Европската агенција за лекови. Појасни дека вообичаено тоа е процедура што трае неколку месеци, а кога ќе завршат сите клинички фази на испитувањето почнува административната процедура.


Државна матура ќе се полага во јуни

Министерството за образование и наука уверува дека ќе обезбеди успешно и безбедно полагање на испитите од државната матура.
– Полагањето на државната матура е обврска утврдена со Законот за средно образование и се спроведува според Правилникот за полагање испити од државната матура. МОН во континуирана комуникација со учениците и училиштата ќе обезбеди заеднички решенија за непречено и безбедно полагање на матурските испити. Ги известуваме учениците од четврта година дека пријавувањето на матурските испити се одвива во соодветниот законски рок и затоа ги повикуваме матурантите до крајот на месецот да ги пријават темите за проектната задача, а до крајот на декември да ги пријават и испитите од листата за полагање, која е проширена со уште нови два предмета – соопштуваат во МОН.